Не смее интересот на бизнис секторот да биде пред здравјето на граѓаните, вели кавадаречкиот градоначалник Јанчев по објавувањето на документарецот „Заговор против воздухот“ – ММС
ММС

Објавено на: 05/18/21 12:38 PM

Не смее интересот на бизнис секторот да биде пред здравјето на граѓаните, вели кавадаречкиот градоначалник Јанчев по објавувањето на документарецот „Заговор против воздухот“

Градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев денеска побара брза реакција на надлежните институции по објавените информации за користењето на отпадно масло,  како мазут,  во Еурониел индустри. Јанчев порача дека нема компромис со здравјето на граѓаните и не смее да се дозволи загадување на воздухот.

„Не смееме, пред се’ како градоначалник и како општина , да дозволиме интересот на бизнис секторот да биде пред здравјето на граѓаните. Со увозот на отпадно гориво кое е забрането во ЕУ,  а кај нас се увезува како мазут и се употребува, а знаејќи дека тоа има смртоносни последици, некој мора да сноси одговорност. Ги повикувам надлежните институции Министерство за економија, Државниот пазарен инспекторат, Министерството за животна средина како даватели на интегрираната еколошка А дозвола, Царинската управа и Инспекторатот за животна средина да ги испитат изнесените информации и докази во емисијата и да постапат согласно своите надлежности доколку има било какви пропусти“ рече Јанчев и нагласи дека државата треба да интервенира и доколку е потребна измена на законската реулатива.

Појасни дека неговата реакција на оваа тема е откако ги погледнал фактите во направеното новинарско истражување од ИРЛ насловенo „ Заговор против воздухот“, а во кое се открива дека поранешно „Фени“, а денес „Еуроникел индустри“  месечно троши по 2500 тони мазут,  кој има сомнителен квалитет и го загадува воздухот.

„Една толку голема и гигантска компанија како што е Еуроникел Кавадарци со над 1000 вработени, нејзините менаџери  имаат одговорност пред се’ за безбедноста на своите вработени, нивните фамилии и имаат одговорност за целото население во Општина Кавадарци. Затоа е потребно Еуроникел да преиспита со кои компании соработува, какви суровини согорува, колку се професионални фирмите со кои соработува и дали ги превзема сите4 мерки за заштита на животната средина. Јас сум свесен дека многу семејства егзистираат од оваа комапнија и компанијата има значајна улога во развојот на стопанството во нашата општина, но животот и здравјето на жителите на општина Кавадарци секогаш треба да биде на прво место, најважно од се’“ нагласи Јанчев на денешната прес конференција.

Ангел Данов