Aкадемија Пандев во одбрана, а Силекс во битка за враќање на трофејот од Купот на Македонија по 25 години – ММС
ММС

Објавено на: 05/18/21 12:41 PM

Aкадемија Пандев во одбрана, а Силекс во битка за враќање на трофејот од Купот на Македонија по 25 години

Екипите на бранителот на титулата Академија Пандев и Силекс, утре од 19:00 часот Националната арена „Тоше Проески“ ќе се соочат во финалето на Купот во Македонија за своевиден спас на сезоната.

Клубот од Струмица во сезоната 2020/21 е бранител на титулата, додека пак Силекс по 25 цели години ќе се обиде вредниот пехар да го врати во Кратово.

И едните и другите имаа разочарувачки сезони во ПМФЛ. Академија Пандев со големи амбиции ја стартуваше на лето кампањата во домашното првенство, но сепак на крајот од сезоната висеше помеѓу зоната за испаѓање и безбедните места на средината на табелата. Со само 32 постигнати погодоци на 33 меча, Академија го зазеде седмото место и 41 освоен бод на свое конто.

Од друга страна, ситуацијата за кратовчани е далеку покомплексна. Силекс не успеа да го престигне Борец и да обезбеди сигурен опстанок во лигата и следната година, па така сега како деветтопласиран ќе мора преку доигрувањето во баражот да го зачува прволигашкиот статус.

Но, финале е финале и таму се бришат и формата и моменталната лигашка позиција и последните резултати. Во 90 или 120 минути, застанува сè.

Во пресрет на финалето, тренерите на двете екипи, Александар Васоски и Горан Симов, пред јавноста изразија желба за освојување на пехарот од купот и ја потенцираа исклучителната важност на самиот дуел.

-Сон на секој фудбалер е да игра во финале. Ние сме последни освојувачи на купот и ќе се обидеме да го задржиме трофејот во нашите редови, рече екс-тренерот на Вардар, Васоски.

Патот на Академија Пандев, исто како и на нивниот опонент, до завршницата воопшто не беше лесен. Во 1/8 финалето пандевци го поразија Вардар со 1:0, a во следната фаза фаворизираниот Шкупи беше „нивната следна жртва“. Билет за финалето струмичани обезбедија против Македонија ЃП, победувајќи го со 1:3 на стадионот во Ѓорче Петров.

-Сите сме максимално мотивирани и фокусирани да го освоиме трофејот. По 25 години Силекс е повторно во финале, изјави предводникот на Силекс, Горан Симов.

До Националната арена „Тоше Проески“, Силекс мораше прво во 1/8 финалето да го совлада гевгелиски Кожув, а во 1/4 финалето да се судри со македонскиот шампион Шкендија. Во Кратово по пенал серијата, тетовците ја загубија шансата за двојна круна. Полуфиналниот дуел помеѓу Струга Трим и Силекс, заврши во полза на Силекс.

Академија Пандев по втор, или Силекс по трет трофеј во Купот на Македонија, останува да видиме .

 

 

Фото:

sportklub.mk

д.ј