Велешките матуранти се вратија во училишните клупи – Професорката Марија Јанушева ја врати радоста на учениците – ММС
ММС

Објавено на: 05/18/21 10:00 AM

Велешките матуранти се вратија во училишните клупи – Професорката Марија Јанушева ја врати радоста на учениците

Професорката Марија Јанушева од средното Економско училиште од Велес среде пандемија најде креативен начин да ја промовира својата институција пред летните уписи, а во меѓувреме да ги израдува и учениците од четврта година кои ги бројат часовите до крајот на нивната средношколска авантура.

Јанушева е социолог и професор по предметот Граѓанско образование во средното Економско училиште ОСУ „Јовче Тесличков“ кое годинава слави 60 години од своето постоење. Поради јубилејот и што подобра промоција на средното училиште таа се досетила да организира настава со физичко присуство.

Со дозвола на директорката на училиштето, Јанушева одлучила последните часови на генерацијата од четврта година да ги минат на училишните клупи кои за потребите на часот по Граѓанско образование биле изнесени од училница во училишниот двор.

„Сакав на еден поразличен начин да го промовирам нашето училиште. Јас предавам Граѓанско образование на учениците од четврта година и така се погоди тие да се вратат во училишните клупи после едногодишна пауза. Се разбира, внимававме на сите протоколи, учениците беа поделени во три групи, а клупите беа на оддалечени се се одвиваше на отворен простор. Со дозвола од директорката го одржавме часот. Овој предмет е всушност нашето секојдневие и доликува да се одржува со физичко присуство затоа што така може да се развие дебата за некоја проблематика – истакна за ММС, професорката Јанушева.

Таа работи речиси девет години таму и иако не предава предмет од економските науки, Марија Јанушева решила да ја искористи креативноста и влијанието на социјалните мрежи за да го рекламира своето училиште.

– Славиме голем јубилеј и тоа беше повод за овој настан. Лично, иако не сум економски експерт, чувствував мала деградација на економската струка која по завршувањето на здравствената криза и тоа како ќе биде потребна за закрепнувањето на македонската економија – рече Јанушева.

За оваа идеја професорката доби пофалби од учениците, колегите и граѓаните на социјалните мрежи. Дел од нив порачаа ова да се направи за сите матуранти и на тој начин својот последен школски час од еден од најубавите периоди во животот, учениците би го одржале со физичко присуство како што тоа за последен пат го направи генерацијата 2018/2019 година.

Професорката лично смета дека има голема разлика од одржувањето на настава со физичко присуство во однос на онлајн наставата наметната од пандемијата со Ковид-19, посебно по предметот кој таа го предава.

– Предметот Граѓанско образование бара дебата, бара конфронтација, бара ораторство. Учениците сакаат да бараат решенија на проблемите во општеството, а тоа се прави преку директна комуникација. Сепак, успеавме и ние наставниците и учениците да се адаптираме на онлајн наставата и мислам дека годинава се снајдовме добро – додаде Јанушева.

Во ОСУ Јовче Тесличков се остручуваат кадри од економско правна и трговска струка, поделена на три профила: економски техничар, деловен секретар, банкарски техничар. Наставниот кадар се состои од околу 40 професори а во училиштето се образуваат 600 ученици годишно.

Орце Костов

Фото: Приватна архива на Фејсбук