Кај 1 – 3 проценти од вацинираните луѓе се создава таканаречен поствакцинален синдром, кој обично е лесен и се манифестира со болна осетливост, температура, малаксалост, објаснува д-р Нино Беќаровски. Според него, ваквиот синдром трае 24-48 часа.
Д-р Беќаровски во врска со ова се огласи на социјалната мрежа Фејсбук, каде порача дека за успешна вакцинација на вработените во приватниот сектор мора да се обезбедат и услови за сите кои ќе развијат поствакцинален синдром да отсуствуваат од работното место, а не по секоја цена да се присилуваат веднаш по вакцинацијата да се вратат на своите работни места.
На овие лица мора да им се овозможи да отсуствуваат 1-2 дена од работното место без да бидат изложени на закани. За да не се злоупотреби оваа можност од вработените, може да постои клаузула за одработување на ова отсуство, каде технолошкиот процес тоа го дозволува, или наједноставно да се одземе 1-2 дена од годишниот одмор, додава Беќаровски.
-Апелирам до надлежните во МЗ и МТСП, веднаш изнајдете начин како овој проблем безболно да се разреши. Во спротивно ќе имаме се’ помал одзив за вакцинација во оваа екстремно вулнерабилна популација, а со тоа ќе биде компромитиран и целиот процес за создавање на колективен имунитет – посочува Беќаровски.
Само здрав, задоволен и заштитен работник е продуктивен на своето работно место – апелира тој во објавата.