Граѓаните под 60 години кои се вакцинираа во Србија со „Астра зенека“, ќе може да се ревакцинираат во земјава, но со „Синофарм“ или со „Фајзер“ – ММС
ММС

Објавено на: 05/16/21 10:44 AM

Граѓаните под 60 години кои се вакцинираа во Србија со „Астра зенека“, ќе може да се ревакцинираат во земјава, но со „Синофарм“ или со „Фајзер“

Во земјава пристигнаа уште 100.000 вакцини од кинески „Синофарм“ донација од кинеската Армија. Надлежните се надеваат дека со оваа значителна количина на вакцини, може да се смени епидемиолошката слика во државава.
Вакцинирањето, според надлежните, оди согласно предвидената динамика, според возраста и до крајот на следната недела се очекува да се вакцинираат дополнително пријавените 8.000 постари граѓани кои ќе имаат приоритет пред помладите.
Како приоритетни ќе бидат вакцинирани и пациентите со трансплантирани бубрези и пациенти на дијализа по што следуваат оние со потешка форма на хронични болести на респираторниот систем. Во групата на потешко болни од хронични болести кои, исто така, ќе имаат приоритет при вакциниацијата, се и пациентите со цистична фиброза.

„За родители на деца со хронични болести направена е приоретизација на групите. Имаме контакт со сите здруженија во континуитет. Направен е список на околу 2.000 луѓе. Денеска ќе почне, а во понеделник или вторник веројатно ќе заврши вакцинацијата на пациенти кои се трансплантирани и се на дијализа. Тоа е првата приоритетна група на пациенти кои имаат некаква форма на хронична болест. Потоа ќе следат сите пациенти кои имаат потешка форма на некаква хронична болест која може да го засега најпрво како приоритет респираторниот систем. Тука се влезени и децата, родителите со цистична фиброза, дел од пациентите со ретки болести и понатаму сите други, изјави вчера Филипче по повод пристигнувањето на кинеските вакцини.
Ќе се вакцинираат и стопанствениците, а од следната недела продолжува имунизацијата и на вработените во критичната инфраструктура. За стопанствениците, се чекаат списоците од стопанските комори и предвидено е дневно да се вакцинираат од 300 до 400 лица. Во овој случај, приоритет ќе им се даде на оние кои работат во поголема група во иста просторија како во погони или магацини, потоа вработените во угостителско туристичкиот сектор, јавниот транспорт и продавачите во малопродажните трговски објекти.
„Во однос на критичната инфраструктура почнуваме следната недела. Има една донација вакцини за полицијата, а еве сега и за Армијата. Ќе продолжиме по тој терк, како што почнавме. И во однос на стопанските комори, стопанските субјекти, компаниите, на заедничкиот состанок заклучивме дека најсоодветен механизам е и таму да се регрутираат луѓе согласно препораките за приоретизација – вработените со колку луѓе во денот имаат контакт или колку работат во група и во колкава затворена просторија. Ги очекуваме списоците од стопанските комори со кои имавме состанок на почетокот на неделата. Веднаш штом ги добиеме, ќе добијат термини за вакцинација, истакна Филипче.

Оние граѓани, пак, кои се вакцинираа во Србија со „Астра зенека“, а се под 60 години, ќе може да се ревакцинираат во земјава, но со „Синофарм“ или со „Фајзер“, а за тоа ќе треба да се пријават кај матичните лекари.

МИА