„14 Напади врз новинарите, 14 Бодежи на демократијата“- Жените во новинарството често пати мета на сексистички напади – ММС
ММС

Објавено на: 05/16/21 10:12 AM

„14 Напади врз новинарите, 14 Бодежи на демократијата“- Жените во новинарството често пати мета на сексистички напади

Според регистарот на напади кон новинари на Здружението на новинарите на Македонија, во 2020 година се нотирани вкупно 14 посериозни закани по безбедноста на новинарите и медиумските работници, од кои, повеќе од половина се кон новинарки.
Мизогинијата, како што стои во публикацијата „14 Напади врз новинарите, 14 Бодежи на демократијата“, во комбинација со онлајн-насилството, се вистинска закана за учеството на жените во новинарството и јавната комуникација во дигиталната ера.
„Со сè почесто користење на дигиталните платформи, новинарките се соочуваат со зголемен ризик во својата работа и сè почесто со сексистички напади. Во онлајн-сферата се среќаваа примери на закани, уцени, говор на омраза и дезинформации кон одредени новинарки, стои во публикацијата.

Во најава се измени во Кривичниот законик за поголема заштита на новинарската фела, со кои нападот врз медиумските работници ќе добие ист третман како нападот врз службени лица. Измените се веќе објавени на ЕНЕР, а во собраниска процедура треба да се најдат до крајот на месецов.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, со МИА споделува дека при нападите на новинари во кои почесто станува збор за новинари кои што се жени, според него, може да има и родова дискриминација, а можеби и превагнува фактот што во поголем број во професијата работат жени, меѓутоа, како што вели, тоа треба навистина да се испита.

„Во секој случај, ние во истите измени на Кривичниот законик предвидуваме и зајакнување на заштитата на родовата еднаквост и на жените, бидејќи дел од идејата за измена на Кривичниот законик е да биде изменет тој сега во делот на заштита и зајакнување на заштитата на новинарите, но исто така и заштитата на жените преку имплементација на Истанбулската конвенција и во таа смисла има две нови кривични дела, демнење и сексуално вознемирување, има и квалификувани казни, значи потешки казни доколку нападот е извршен заради родова омраза, споделува Маричиќ
Дополнува дека со тој пакет – заштита на новинарите и со имплементација на Истанбулската конвенција, доаѓаме до едно ново ниво на стандарди и една посилна заштита на новинарите и на новинарките.

Измените во Кривичниот закон се на потег, додека шовинистичките стеги притискаат силно и во новинарската професија. Новинарството изискува јавно изразени ставови кои често знаат да пркосат на општествените стигми, а изразени од жена новинар дополнително го нагласуваат родовиот стереотип и предизикуваат агресивни и недолични коментари.

миа