Вучевиќ: Јокиќ е МВП од било кој аспект – ММС
ММС

Објавено на: 05/14/21 8:56 PM

Вучевиќ: Јокиќ е МВП од било кој аспект

Во регуларниот дел од сезоната 2020/21 во НБА лигата, единственото име кое е константа со своите игри на високо ниво, или ако милуваат некои, едно од имињата, е српскиот репрезентативен центар Никола Јокиќ.

Иако расположението помеѓу медиумите во САД е дијаметрално спротивно од мислењето и вредносната оценка на фан-базата и љубителите на кошарката, овојпат оние од пред малите екрани се чини дека имаат вистински суд. Некогашниот кошаркар на Мега е навистина МВП.

На „иста линија“ се наоѓа и новопечениот центар на Чикаго Булс, црногорскиот играч Никола Вучевиќ. На констатацијата на новинарот на „FOX Sports“, Ник Рајт, дека Јокиќ би бил најлошиот МВП во НБА во изминатите 35 години, Вучевиќ реагираше со емот „фејспалм“ икона и краток коментар на социјалните мрежи: „Овие денови секого пуштаат да зборува на ТВ“.

Подоцна во интервју за српски „Моцарт Спорт“, пренесено од „Eurohoops“, Вучевиќ објасни дека Јокиќ едноставно заслужува да ја понесе престижната индивидуална титула, без никакво сомнение.

-Јокиќ е МВП. Без разлика од кој аспект гледате и анализирате, статистички или на некој друг начин. Веројатно трката за наградата ќе беше неизвесна доколку Леброн Џејмс и Џоел Ембид не беа повредени, затоа што тие исто така беа одлично, но не можеме да зборуваме хипотетички и ова не го зборувам затоа што сме пријатели со Никола.

Во оваа кампања Србинот во просек по меч забележува 26.5 поени, 10.9 скокови и 8.4 асистенции.

 

 

 

Фото:

gettyimages.com