Воспитувачка во градинка во Гевгелија навредувала дете кое плаче без престан – оваа информација денеска ја разбранува јавноста, откако на социјалните мрежи почна да се шири видео на кое се гледа немилиот настан. Видеото го снимила гевгеличанката Јулијана Ортаковска која живее во близина на градинката.
-Не знам колку се слуша, но еве што се случува зад грбот на родителите од многу искусните вработени во градинките. Плачењето траеше два часа, а таа наместо да ги смири им се обраќаше со кучко една, краво и што уште не. Не знаев дали да влезам и да ја утепам, што попрво да направам. Срце ми се распарчи, мали деца да трпат таква тортура. Страшно и безобразно. Инаку, градинката се наоѓа во Гевгелија на улицата Илинденска – напиша Ортаковска на социјалната мрежа Фејсбук, каде беше објавено видеото.
Во меѓувреме се огласи и Министерството за труд и социјална политика, од каде информираа дека одделението за инспекциски надзор за заштита на децата веднаш стапило во контакт со директорот на установата, а инспектори се упатени на терен за да извршат вонреден инспекциски надзор.
Доколку се потврди веродостојноста на случката, сите одговорни ќе бидат веднаш санкционирани. МТСП нема да толерира било какво несоодветно однесување со децата во градинките – се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика. Од МТСП информираат дека во најбрз рок ќе ја известат јавноста за наодите и следните чекор во однос на овој случај.