По вчерашното убиство во скопската населба БУтел 2, се пласираа информации дека роднини и пријатели на починатиот Идризи со оружје ги нападнале медицинските работници на Ургентен, со цела да го спасат и дека морала да интервенира ЕБР. Некои од медиумите информираа дека по вчерашното убиство во Бутел 2, откако убиениот бил пренесен во Ургентен центар во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, таму влетале повеќе од стотина луѓе, се заканувале со оружје на медицинскиот персонал и го демолирале Ургентен.
ММС се обрати до Министерството за здравство, од каде не сака да зборуваат. Од МЗ добивме одговор дека за дела против јавниот ред и мир надлежно е Министерството за внатрешни работи.
ММС се обрати и до МВР од каде ни рекоа дека во СВР Скопје во изминатото деноноќие нема пристигнато пријава за нарушен ред и мир од Ургентен центар во Комплекс клиники „Мајка Тереза“.
-Нема пријава ниту за физички напад со оружје или закани кон медицински персонал од страна на група лица, кои дошле до Ургентен центар, каде беше пренесено починатото лице по случувањата во Бутел, информираат од МВР и додаваат.
-Во текот на вчерашната вечер имаше засилено присуство на полициски службеници, со цел обезбедување на лицето кое беше пренесено таму, меѓу кои и припадници на Едницата за брзо распоредување, кои беа распоредени и на местото на настанот во Бутел, во ГОБ „Свети Наум Охридски“ и во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, со цел превенирање на евентуално нарушување на јавен ред и мир, велат од МВР.
Моника П.Насковска