Реформата има една главна цел, да обезбеди образование согласно светски стандарди, изјави Царовска – ММС
ММС

Објавено на: 05/10/21 9:35 PM

Реформата има една главна цел, да обезбеди образование согласно светски стандарди, изјави Царовска

Нема лошо време за квалитетна реформа, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во дебатната емисија на ТВ Клан. Царовска објасни дека промените во системот на образование не се избрзани, туку се темелат на Стратегијата за образование 2018-2025 донесена кога министерка беше Рената Десковска и на Законот за основно образование, донесен кога министер беше Арбер Адеми, што покажува континуитет во работата на Владата за создавање квалитетно образование.

Со години се правени анализи на образованието, домашни и меѓународни истражувања, каков систем на образование ни е потребен. Царовска рече дека сега е време да се направи исчекор, затоа што секоја изгубена минута со неквалитетно образование нé чини прескапо во поглед на подготвувањето на човечкиот потенцијал за времето коешто доаѓа.

-Новиот концепт за основно образование има една главна цел – да обезбеди нов систем на учење и нов квалитет на основно образование, согласно светски стандарди. Ниту е цел укинување на наставни содржини, ниту укинување на учебници, ниту намалување на фонд на часови. Сите научни дисциплини се учат и со новата концепција“, нагласи Царовска, додавајќи дека опозицијата нема идеја какво образование и треба на нашата држава и на ниво на дневна политика коментира суштински значајни реформи. .

Реформата ќе се одвива етапно, а од септември влегува само во прво и четврто одделение. Државата , додаде таа, нема време уште 10 години да дискутира дали во прво одделение да се воведе новиот концепт на образование.

-Државата во еден момент треба да одлучи да почне со реформата. Ако само анализираме, се губи можноста да пристапиме кон развиените земји со квалитетни образовни системи, рече министерката.

За оваа реформа, досега не се потрошени дополнителни средства. Царовска појасни дека реформата е целосно платена од меѓународните партнери на државата и Светска банка, затоа што веруваат дека е во најдобар интерес на учениците.