Царовска ги посети двете стручни училишта во Велес, како дел од отворените денови на кампањата „Учи паметно, работи стручно” – ММС
ММС

Објавено на: 05/10/21 7:38 PM

Царовска ги посети двете стручни училишта во Велес, како дел од отворените денови на кампањата „Учи паметно, работи стручно”

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска беше во посета на средните стручни училишта, „Коле Неделковски” и „Димитрија Чуповски”  во Велес. Овие две училишта нудат дуално образование што претставува предност за сите деветтооделенци.

Според Министерката Царовска, дуалното образование е начин  да се стигне до поквалитетно стручно образование и полесен начин до работно место по завршување на средното образование.

-Со средното стручно образование, се развива претприемачкиот дух кај учениците кои понатаму можат да основаат и сопствени компании и да станат вработувачи а не само вработени”, рече Царовска.

Месари и месопреработувачи како и техничари за заштита на животна средина се двата профили оддуално образование ССОУ „Димитрија Чуповски”, додека во ССОУ„Коле Неделковски” се техничар за машинско производство и заварувачи.

За секој ученик што ќе се запише во овие паралелки, Министерство за образование и наука ќе обезбеди стипендии во висина од 3.500 денари, за девет месеци, додека трае наставата.

На денешниот отворен ден, присуствуваше и градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, пратеникот Ненад Коциќ, претседателот на Советот на Општина Велес  Ќирил Гајдов, советници, директори на образовни институции  како и полуматурантите од  основните училишта во Велес и околните населени места.

 

 

Стефани Манева