Заев: 9 -ти Мај впишан со златни букви во историјата на напредна Европа, како датум за паметење на милионите жртви – ММС
ММС

Објавено на: 05/9/21 10:54 AM

Заев: 9 -ти Мај впишан со златни букви во историјата на напредна Европа, како датум за паметење на милионите жртви

По повод Денот на Европа, владина делегација денеска оддаде почит на борците со положување на свежо цвеќе на партизанските гробишта во Бутел.
„Оддавањето почит на борците против фашизмот е за нивните дела кои израснаа врз рушевините и ужасите на Втората светска војна и за делата кои ја создадоа македонската државност паралелно со победата над фашизмот. Слава им!“, напиша премиерот Заев на Фејбук.

По повод 9 Мај – Денот на победа над фашизмот и Денот на Европа, оддадовме почит на борците со положување свежо цвеќе на…

Posted by Zoran Zaev on Sunday, May 9, 2021

Делегација на Владата на Република Северна Македонија предводена од премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и министерката за образование и наука, Мила Царовска, по повод 9 Мај – Денот на победа над фашизмот и Денот на Европа, положија свежо цвеќе на партизанските гробишта во Бутел.

Покрај владината делегација, свежо цвеќе положија и делегации на Сојузот на Борци од НОБ, Собранието на Република Северна Македонија, Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Армијата на Република Северна Македонија и Град Скопје предводена од градоначалникот Петре Шилегов.

„Денеска одбележуваме еден голем датум за два крупни настани во историјата на Европа и на нашата земја – 9 Мај, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа. Датум, впишан со златни букви во историјата на напредна Европа, како датум за паметење на милионите жртви. Датум за чествување на големото дело на прогресивните сили со кое беше поразено најголемото зло – фашизмот, кој по Втората светска војна зад себе остави ужас и рушевини на нашиот континент и во светот“, вели Заев во видео обраќањето по повод Денот на Европа.

Токму низ овој вител на војната се издигна и македонската државност, водена од начелата за правда, солидарност и еднаквост. Во темелот на македонската државност се вградени заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации на борци, кои не се штедеа себеси, ниту својата младост и своите животи, вели Заев.

„Врз пепелот и чадот од војната кој сè уште се креваше над домовите на Европејците и на македонските граѓани, на 9 мај 1950 година францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, повика да почне изградбата на нова Европа. Започна остварувањето на една визија за напредна и прогресивна Европа, за реализација на  идејата за Европската Унија, во која лидерите на европските земји избраа сите разлики да ги решаваат на масата, а не на воените боишта“, вели заев во видео обраќањето.

Тој истакна дека денес, Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сите постулати на државност, со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Горди сме на нашето учество во големата светска антифашистичка коалиција и затоа имаме силни причини да славиме и да бидеме дел од одбележувањата ширум Европа.

„Македонската држава е втемелена врз начелата на правдата и слободата, и е дом за сите нејзини граѓани без исклучок, обединети и единствени во изборот околу европските вредности. Оваа генерација направи непоколеблив избор со членството во НАТО и силно ја потврди определбата за напредок и благосостојба во европското семејство, во Европската Унија. Нашиот природен дом е Европската Унија меѓу просперитетните европски нации“, вели Заев.