ИКТ комората бара инклузивност во процесот на дигитализација на образованието – ММС
ММС

Објавено на: 05/7/21 8:56 AM

ИКТ комората бара инклузивност во процесот на дигитализација на образованието

Информациските и комуникациски технологии доколку се користат на соодветен начин можат да допринесат за значително подобрување на квалитетот на живот, работа и создавање нови вредности, со што повеќекратно се оправдуваат напорите за имплементација на овие технологии, реагира Саша Огненовски од ИКТ Комората на Македонија поврзано со полемиките кои се водат во јавноста околу воведување на дигитализација на учебниците во образовниот процес.

„Истакнуваме дека овој став ИКТ комора го афирмира и промовира во изминатите десетина години со цел овие технологии да станат дел од институционалните политики со ставање особен акцент на нивната важност за унапредување на процесот на образование. Дигитализацијата допринесува за трансформација на економијата, владеењето и на општеството преку усвојување на постојните и на новите дигитални технологии“, вели Саша Огненовски.

Квалитетна дигитализација може да се постигне единствено ако процесот се води инклузивно и тој биде прифатлив за сите страни.

„Ставот на ИКТ комората е дека е потребно во прва фаза да се дигитализираат содржини кои на соодветен, а пред се визуелен начин на учениците ќе им обезбедат разбирање на наставните содржини, особено на оние содржини за практична или факултативна настава, кои е невозможно да се изведат во училишните простории. Инвестицијата на владата во овој поглед треба да биде преку креирање соодветна интернет платформа на која ќе се овозможи достапност на квалитетни содржини, кои ќе бидат прифатливи за сите, но најмногу за учениците.

Воедно потребно е да се напомене дека при набавка на соодветна опрема за училиштата истата потребен е индивидуален пристап при јавните набавки, бидејќи секој субјект или образовна институција има специфични потреби и соодветно на тоа треба да се креира соодветна постапка за набавка на опрема. Во однос на учениците, потребно е да се предвиди помош за сите категории кои немаат соодветни можности која може да се реализира со доделување ваучери за набавка на неопходната ИКТ опрема“, додаваат од ИКТ комората.

 

Орце Костов