Впечатокот од синоќешниот реванш во полуфиналето од Лигата на шампионите е следен: долго време некој не го надиграл во потполност и поразил големиот Реал Мадрид во ова натпреварување, како што го стори тоа на „Стемфорд Бриџ“ тимот на Челзи, предводен од германскиот стратег Томас Тухел.
Мадриѓаните солидно го отворија дуелот и преку посед се обидоа да го надитрат домаќинот, кој во воведните минути и свесно им ја препушти топката на актуелните шпански шампиони и во однос на шансите воопшто не заостануваше. Рудигер со шут од далечина за првпат го тестираше Куртоа, а веќе во 18-тата минута Вернер постигна погодок од офсајд позиција. Некогашниот француски репрезентативец, Карим Бензема, од работ на шеснаесетникот шутираше кон голот на Челзи, но фантастичниот Менди беше на висина на задачата.
Одличната акција започната од неверојатниот Канте, не успеа да ја заврши целосно Хаверц, погодувајќи ја само пречката. За среќа на „сините“, Вернер овојпат во дозволена позиција се најде во вистинско време и само се поклони пред празниот гол на белгискиот чувар на мрежата. Бензема потоа уште еднаш го стави на тешки маки Менди и тоа беше отприлика последното нешто кое Реал Мадрид го направи на натпреварот. Вторите 45 минути изобилуваа со стопроцентни неискористени шанси и доминација на Челзи по целиот терен.
Високиот пресинг на Тухел лесно ги оставаше Хаверц, Силва, Маунт и Канте во сјајни прилики за гол и окончување на пласманот во финалето во Лигата на шампионите и само среќата и недоволната ефикасност го одржуваа 13-кратниот владетел на Европа во живот. Во 85-тата минута резервистот Пулишиќ перфектно се снајде и го одигра Маунт за конечни 2:0 и англиско финале во Истанбул.
Поранешниот тренер на Борусија Дортмунд и ПСЖ, за „The Guardian“ изјави дека неговиот тим во моментов се чувствува самоуверено и дека во Истанбул нема само да учествува во финалето, туку ќе пристигне таму со цел да го освои популарниот сребрен „ушко“.
-Победата ни дава убаво, добро чувство, ни дава самодоверба. Игравме полуфинале во стилот на оние екипи кои имаат поставено високи стандарди, како Баерн Минхен, Манчестер Сити. Ваквите големи предизвици ги имаме и во Премиер Лигата. На сите мечеви излегуваме силно и мотивирано и во Истанбул ќе пристигнеме со многу самоуверени и со позитивна енергија, да се надеваме и без повредени играчи. Ќе пристигнеме во Истанбул не само да бидеме партиципиенти во финалето, таму одиме за да го освоиме, изјави Тухел.
На средината на јануари годинава, екипата од западен Лондон се наоѓаше на 10-тата позиција на табелата во англиското првенство, а атмосферата во Челзи беше индиспонирачка и поприлично безнадежна. Кога се чинеше дека сезоната 2020/21 за „сините“ ќе оди во неповрат – се појави тој, Томас Тухел. Не само што Челзи се искачи на позицијата број четири која води во Лигата на шампионите и следната сезона, туку Челзи успеа да се пласира во финалето на Фа Купот и најквалитетното клупско натпреварување во светот.
Шансата за првиот трофеј Тухел ќе ја бара на „Вембли“ на 15-ти мај против Лестер, додека пак на 29-ти мај, во второто последователно финале за него и третото во клупската историја на тимот кој го предводи, ќе се обиде да ја расипе сезоната од соништата за Манчестер Сити и уште еднаш да го доведе големиот трофеј во витрините на „Стемфорд Бриџ.
д.ј
Фото:
Twitter / @chelseafc