Промените во основното образование ќе се случат, затоа што тоа не е самоиницијативна одлука на Министерството за образование и наука, туку е резултат на сеопфатни анализи на квалитетот на националниот образовен систем спроведени од кредибилни меѓународни организации. А исто така, промените се и барање на наставниците и на многу генерации на ученици, но и потреба која што ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови со кои Северна Македонија конечно мора да фати чекор и да ги следи. Ова беше истакнато на денешниот работен состанок на претставници од МОН кои ги сослушаа барањата на Иницијативата за бојкот на наставата.
Од министерството за образование и наука велат дека како и за сите реформски процести, така и за Законот за учебници се консултира и го слуша мислењето на сите засегнати стррани. Сепак, квалитетот на наставата и бенифициите за младите од законското решение се главен приоритет и тоа не смее да биде причина за бојкот.
-Дигитализацијата на материјалите за учење е дел од промените кои започнуваат од идната учебна година. И таа е глобален процес кој нема и не треба да ја одмине нашата земја. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на креирање на најдобрите решенија кои ќе треба да се интегрираат во системот. Ова е досегашната практика и начин на работа на МОН, принципи по кои ќе се водиме и во иднина. Затоа што само јавен и широк процес во кој се вклучени сите засегнати страни и експертската јавност, може да резултира со подобар квалитет на националниот образовен систем и со обезбедување повеќе и подобри можности за учениците, студентите, наставниците и професорите, стои во соопштението на МОН.
Од МОН потсетуваат дека новото законско решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди достапност на учебниците за сите ученици, намалување на учењето во домашни услови и поголема интеракција, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека истите ќе бидат достапни во аудио формат и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Можноста за ажурирање на учебниците секоја година, според нив ќе знаќи дека повеќе нема да се применуваат учебници со застарена содржина.