Aлиоски сепак ќе го напушти Лидс: Изборот на неговиот следен клуб ќе ги разлути навивачите на премиерлигашот – ММС
ММС

Објавено на: 05/6/21 1:33 PM

Aлиоски сепак ќе го напушти Лидс: Изборот на неговиот следен клуб ќе ги разлути навивачите на премиерлигашот

Македонскиот репрезентативен лев бек, Езѓан „Џани“ Алиоски, сепак се одлучил да го напушти Лидс Јунајтед летово, пишуваат англиските медиуми.

Фудбалерот кој со Македонија на 11 јуни ќе настапи на Европското првенство, истиот месец станува слободен играч и како таков ќе се пресели во екипата за која навивачите на неговиот матичен клуб имаат навистина негативно мислење и изразена навивачка, ако не и повеќе од тоа, омраза.

Според „FotoMac“, дваесет и деветогидшниот дефанзивец веќе ги договорил личните услови со турскиот првак, но ги замолил челниците на Галатасарај да не ја обелоденуваат веста предвремено и во текот на актуелната сезона.

Наводно, Алиоски бил среќен од играчки аспект на „Еланд Роунд“ и само ниската неделна плата претставувала причина за откажување на лојалноста со „белите од Јоркшир“. Eкс-играчот на Лугано сезонава забележа 32 настапи во Премиер Лигата и на свое конто додаде два погодоци и една асистенција.

Зошто Галатасарај е доживотен непријател за Лидс Јунајтед?

Полуфиналето во 2000-та година помеѓу англискиот и турскиот претставник во второто по квалитет европско натпреварување, Купот на Уефа, ќе остане во сенка на немилите настани и насилство пред почетокот на дуелот во Истанбул. На петти април двајца гостински фанови на Лидс Јунајтед се избодени до смрт на плоштадот „Таксим“, а четири лица се уапсени и веднаш осудени за овој чин.

Турските медиуми и сведоци пренесуваа дека навивачите на Лидс биле всушност тие кои го предизвикале хаосот, малтретирајќи цивилно население од продавниците на плоштадот и кафетериите, палејќи го турското знаме и навредувајќи го турскиот народ.

Другата страна на паричката го тврдеше спротивното. Англиските очевидци убедуваат дека „атмосферата биле вжештена, небаре се работи за војна“ и дека навивачите на Галатасарај чекале со нетрпение повод за да се впуштат во брутално насилство.

 

 

д.ј