Македонските граѓани кои имаат регулирано постојан престој на територијата на Англија, Велс и Шкотска, од 20 мај ќе можат да управуваат возило со македонска возачка дозвола. За ова денеска информира министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Тој на својот Фејсбук профил објави дека врз основа на потпишан билатерален договор Обединетото Кралство е деветтата држава во која носителите на македонска возачка дозвола кои престојуваат на територијата на оваа држава не им е потребна меѓународна возачка дозвола.
-Носителите на македонска возачка дозвола кои имаат регулирано постојан престој на територијата на Англија, Велс и Шкотска, на нивно барање може да им се изврши замена на возачката дозвола, и тоа почнувајќи од 20 мај годинава, што ќе значи и конечно решавање на ова многу важно прашање за државјаните на Република Северна Македонија во Обединетото Кралство, а се очекува многу скоро, оваа законска процедура да биде прифатена и од властите на Северна Ирска – соопшти Спасовски.
Ова важи за дозволи кои го овластуваат управувањето со класата на возила кои соодветствуваат на класата на возила опфатени во категориите B, B+E, F, K или P, или поткатегоријата B1 и се издадени од страна на Министерството за внатрешни работи во Република Северна Македонија.