Денот на македонскиот јазик и стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески одбележани во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 05/5/21 2:38 PM

Денот на македонскиот јазик и стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески одбележани во Штип

Четири средношколци денеска добија стипендија со покриена партиципација за првата година од студирањето на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на манифестацијата одржана по повод денот на македонскиот јазик и стогодишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески.

Деканката на Филолошкиот факултет при УГД, Драгана Кузмановска, вели дека на овој начин ја покажуваат грижата за средношколците и се обидуваат достојно да ги наградат љубителите на пишаниот збор. Учениците наградите ги освоија за напишан есеј на македонски и на јазиците кои се изучуваат на Филолошкиот факултет.

– Секако дека предничи групата англистика, бидејќи англискиот и германскиот се најпопуларни јазици. Меѓутоа со овие стипендии и активности што ги организира Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет, гледаме дека интересот се зголемува. Лани организиравме стипендирање за сите запишани студенти на македонистика, а годинава планираме да го направиме истото, рече Кузмановска.

На манифестацијата освен што се славеше стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, се славеше и дваесет години од формирањето на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“. Секретарот на фондацијата, Атанас Конески, истакна дека фондацијата заедно со УГД и студентите, денеска слават и уште еден голем настан.

– Имено фондацијата за македонски јазик на први февруари распиша два конкурска, едниот е „Поетски пораки за Конески“ и вториот „Како го запаметив Конески“. На овој конкурс учениците и студентите од овој дел на Македонија, особено од Штип и Струмица, масовно се одзваа на конкурсот и испратија бројни песни посветени на Блаже Конески. По тој повод на овие студенти ќе им биде врачена награда, книга од првиот претседател на Управниот одбор на фондацијата, проф. Трајко Стаматоски, под наслов „Македонски јазик, идентитет и континуитет“, рече Конески.

На манифестација присуствуваше и градоначалникот на Штип, Сашко Николов, кој истакна дека е почестен што ваква манифестација се случува токму овде.

– Петти мај е ден на македонскиот јазик, ден по патронот на штипската библиотека што го носи името на Гоце Делчев и ден по патрониот празник на Универзитетот. Сите овие значајни поводи го зголемуваат празничниот и чествувачки тон на манифестацијата која што е во организација на Филолошкиот факултет. Ние како Општина и јас како градоначалник стоиме на располагање при реализација на вакви и слични активности, бидејќи сметам дека колку повеќе јазици знаеме толку повеќе сме интелектуално побогати, рече Николов, додавајќи дека за да ги знаеме јазиците треба да го негуваме и афирмираме нашиот, македонски јазик.