Петмина од обвинетите за нелегално издавање пасоши на странски државјани за случајот „Двојник” признаа вина, на денешното рочиште пред Основниот кривичен суд во Скопје.
На почетокот постапката беше раздвоена за една од обвинетите, која поради болест не беше присутна, но нејзинот адвокат преднајави признание на вина, како и за останатите петмина од вкупно 11 обвинети.
Обвинетите Денис Баруфи, Ален Личина, Ѓорѓе Велков, Фарук Биља и Раиф Мифтари, денеска пред судот рекоа дека се чувствува виновни за делото и доброволно ја признаваат вината.
Случајот го води судијката Оља Ристевска, а застапник на обвинението е Спасенка Андонова.
Јавниот обвинител Спасенка Андонова, информира дека, заедно со обезбедените докази и ПИ мерки, е направен и албум со фотографии и податоци за 215 патни исправи, каде се покажува чиј идентитет е искористен за кое лице, и јасна визуелизација на тоа што е содржано во обвинението.
Судот, на почетокот на денешното рочиште, ја раздвои постапката против обвинетата Наздрие Зековиќ, која од здравствени причини не беше присутна, а која преку својот бранител преднајави признание на вина.
Адвокатот Донче Наков, информира дека поднел два лекарски извештаи и лабораториски наод, дека обвинетата Зековиќ е спречена да присуствува на судски рочишта, најмалку седум дена.
Обвинетите Фарук Буки, Весна Колевска, Оливера Софрониевска, Бранислава Владичевска и Шемседин Јашари, рекоа дека не се чувствуваат виновни за делото кое им се става на товар, по што постапката за нив беше раздвоена и продолжува на 7 мај годинава.
Во случајот обвинети се 11 лица, од кои десетмина вработени во Одделението за управни работи во МВР се товарат дека го сториле кривичното дело продолжена злоупотреба на службената положба и овластување, а едно лице е обвинето за поттикнување.
Според обвинението, во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година, биле издадени пасоши на 214 странски и еден македонски државјанин.
MИА