Човек на сто години е најстариот пријавен пациент кој денеска треба да ја прими првата доза од вакцината против коронавирус во Штип. Овде, во спортската сала „Јордан Мијалков“, од денеска започнува масовната имунизација на жителите на источниот и струмичкиот регион.
Во придружба на помлади лица, постарите граѓани нешто пред 10 часот почнаа да доаѓаат на пунктовите за вакцинација. За тековниот ден се закажани 1000 термини, а вакцинирањето започна со граѓаните над 86 години.
– Добивме 5000 вакцини, а ќе добиваме дополнително на секои три-четири дена. Сите што се пријавени на Вакцинација.мк претпоставуваме дека ќе бидат повикани во наредните две недели. Со оглед на тоа што имаме пријавено околу 20 илјади граѓани од источниот регион, мислам дека брзо ќе се спушти границата и ќе бидат повикани и другите граѓани, рече директорката на штипскиот Здравствен дом, Снежана Трајковска.
Првата доза денеска овде ја прими и 89 годишен делчевчанец, кој по вакцинацијата рече дека се чувствува одлично и порача дека сите треба да се вакцинираат.
– Сега се вакцинирав и супер сум. Мораме да се вакцинираме за послободно да живееме. Луѓето одеа да се вакцинираат во Србија, па ние овде до Штип ли да не дојдеме. Затоа захтеваме да се вакцинираме, се ќе биде поубаво, вели делчевчанецот.
Денеска во спортската сала „Јордан Мијалков“ освен персонал од штипската Клиничка болница, има медицински лица од Кочани, Радовиш и Виница, а ним им помагаат и 40 студенти од медицинскиот факултет при УГД.
Т.Н