Агентите на американската Сојузнички истражувачка канцеларија (ФБИ) синоќа отворија оган врз маж пред седиштето на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) во Ланглеј, Вирџинија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Властите наведуваат дека мажот околу 18 часот по локално време се обидел со возило да влезе во објектот, но не успеал да го премине главниот влез што се наоѓа далеку од зградата на Агенцијата.
Агентите се обидоа да преговараат со лицето со часови и на крајот одлучија да го отстранат неговиот автомобил. Возачот, според наводите, излегол од автомобилот со оружје и тогаш бил застрелан од агентите. Неговата здравствена состојба моментално не е позната.
Постојат извештаи дека машкото лице изјавило дека во автомобилот има експлозив, но за тоа нема потврдување. Службениците на ФБИ, исто така, наведуваат дека лицето можеби имало нарушување и дека е можно во минатото да се обидело да влезе во кампусот на ЦИА.
„ФБИ сериозно ги сфаќа сите инциденти со пукање што ги вклучуваат нашите агенти или членови на работната група. Процесот на ревизија е темелен и објективен и се спроведува што е можно поекспедитивно во дадените околности“, се наведува меѓу останатото во соопштението.
Безбедносните мерки во владините згради во околината на Вашингтон се заострени оваа година од нередите во американскиот Капитол во јануари. Во април, полицаец во Капитол е убиен, а уште еден е повреден кога маж се обидел да удри со својот автомобил во бариерата што ја опколува зградата на Конгресот и седиштето на законодавниот огранок на американската сојузна Влада.