Почина татко ми од тоа зло, рече рече Мартин Вучиќ на овој ден минатата година и ја потврди смртта на неговиот татко Драган. Шок и неверување беше информацијата дека Драган ја загуби битката со корона, особено поради фактот што тогаш сеуште не знаевме со што се соочуваме, што се ќе преживееме, колку драги луге ќе изгубиме.
Последната фотографија на Драган
Тогаш во кусиот разговор Мартин низ солзи ни кажа дека пред десетина дена семејството дознало дека Драган бил позитивен, но дека не било страшно.
-Вчера и се јавиле на мајка ми дека се е во ред, а утрово и се јавиле дека ноќеска починал. Не знам. Во шок сме, ни рече тогаш Мартин.
Драган со сопругата Весна и синот Мартин
Потреба да ја објасни смртта на Драган имаше и министерот за здравство Венко Филипче. Тој на својот Фејсбук профил информираше за смртта на пејачот и водител и изрази сочуство до семејството.
-Утрово на Инфективната клиника од коронавирусот почина нашиот познат музичар, композитор и тв водител Драган Вучиќ. Тој беше хоспитализиран пред осум дена откако состојбата му се влошила и од тогаш е лекуван на одделението за интензивна нега. И покрај сите напори на лекарите и целиот стручен тим, Вучиќ со многу тежок наод на белите дробови, за жал, му подлегнал на вирусот. Упатувам искрено сочуство до семејството и блиските, напиша тогаш Филипче.
„Не можеме ни да го испратиме како што доликува“, ни рече тогаш Мартин, бидејќи Драган беше погребан по ковид протокол.
Подалеку и на растојание имаше околу 40тина блиски на семејството Вучиќ, ретко кој од нив можеше да се препознае, бидејќи, како што налага протоколот сите беа со маски и на растојание.
Посмртните останки на Драган беа пред капелата, каде се палеа свеќи и се запишуваа во книгата на жалост. „Почивај во мир легендо“, „Нека ти е лесен патот кон ангелите“, „Никогаш нема да те заборавиме, легендите не умираат“ се само дел од пораките кои беа запишани во книгата на жалост.
Денес, по една година откако познатиот пејач и водител не е меѓу нас, сеуште е истата состојба со корона вирусот. Сеуште бројката на заразени и починати е висока, сеуште има такви кои не ги почитуваат протоколите, не носат маски, не држат дистанца, сеуште шокот од губење на драги луге, познати, непознати, стари и млади, е голем. Сеуште броењето на починатите го земаат приматот во секојдневното живеење. А созлите кај сите што изгубиле свој близок, како семејството на Вучиќ, не се престанати.
-Солзите не престанаа да течат, како и на сите кои загубија свој близок. А што друго можат да направат освен да тажат и да го посетат неговиот вечен дом, велат блиски на семејството Вучиќ.
Недостасува неговиот лик на малите екрани, тој знаеше на свој начин да допре до публиката, до обичниот народ, да го зарадува со некоја награда, да насеме. Сеуште се паметат шегите и анегдотите кои се случуваа во неговите емисии. Не само една, колку години и да поминат ќе биде незаборавен, остави зад себе многу нешта за паметење, многу емисии, квизови, но и песни, од кои некои се веќе евергрин.