Бог помага на сите, но и ние сами треба да си помогнеме- Со отец Игор Димитриевски за празнувањето на Велигден – ММС
ММС

Објавено на: 04/22/22 10:00 AM

Бог помага на сите, но и ние сами треба да си помогнеме- Со отец Игор Димитриевски за празнувањето на Велигден

Денеска е Велики Петок, ден од Страдалната недела,  денот кога е распнат Исус Христос,  ден  посветен на споменувањето на осудувањето на смрт, Крстните страдања и смртта на Спасителот.

Во пресрет на големиот празник Хрстовото воскресение, Велигден верниците ги посетуваат утринските литургии во верските храмови, палат свеќи за здравје, положуваат цвеќе во црквите и се причестуваат. Но, на ова претходат велигденеските 40 дневни пости, бидејќи во овој период се случиле големите страдања на Исус Христос со што постите се проследени со телсни и духовни одрекувања.

Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, разговаравме со отецот Игор Димитриевски од светиот црковен храм „Рожденство на Пресвета Богородица“ во Скопје.

Тој за ММС вели дека строгите пости се за поистрајните за оние со силната вера во Бога, а со благослов на духовниот отец  луѓето со здравствени проблеми во 40 дневните пости може да консумираат масло и риба.

„Строги пости се за оние кои што навистина можат да постат без зејтин, а за оние другите со благослов на духовиот отец си дозволуваат и првата и последната недела одредени денови од неделата да јадат храна со масло. Никаде не пишува дека само првата и последната недела, туку и во текот на целиот пост, има денови како понеделник, среда и петок, кога не се јаде масло. Покрај благословот на својот духовет отец може да консумираат, ако примаат лекарства или не можат да го издржат постот од здравствени причини. Последната недела се налага сите да постат строг пост бидејќи таа недела се нарекува Страдална недела, Страсна седмица. Велики Понеделник, Вторник, Среда, Четврток каде Господ Исус Христос ги претрпува маките од страданијата, кога на Велики Четврток е распнат на крстот, при што го помазуваат неговото тело на Велика Среда. Токму затоа на Велики Четврток е благословено да се јаде масло. Единствена сабота во годината кога не се јаде масло е Велика Сабота, додека во другите саботи во постите, освен Велигденските се јаде масло“, вели за ММС  отец Игор Димитиевски.

Во одредени денови од големите Велигденски пости, како за Благовец и Цветници се консумира и риба, но и тоа си има свој симбол и значење.

„Во Велигденскиот пост има опредено денови, кога рибата е благословена да се јаде, како на Благовец и Цветници, но и за оние верници кои од здравствени причини не може да ги издржат постите. На Благовец е поради благата вест, бидејќи зачнала Дева Марија која потоа ќе го роди роди Спасителот, а на Цветници поради влегувањето на Исус Христос во Ерусалимскиот храм и фрлањето на цвеќињата“, вели отец Игор Димитриевски.

Според него храната не е толку важна, колку што е важен духовниот пост  и исповедтта за покајание, а потоа и причеста, која претставува Света тајна во која верникот, во вид на леб и вино ги вкусува Телото и Крв Христови за добивање на вечен Живот.

„Храната не е толку важна бидејќи секој човек може да се воздржи од храна, а сега има и посна храна и секој човек може да пости, само треба да има цврста вера и волја да може да го издржи постот. Покрај воздржувањето од телесното, треба и духовно. Пред да се причести, да ја прими Светата тајна, причест секој оној што постел треба и да се исповеда, затоа има покајание и Света тајна исповед. Секој човек пред да се причести треба да се исповеда и да се покае за она што го има направено и да му прости на секој оној што му згрешил. Светата тајна исповед, останува помеѓу оној што се исповедува, духовниот отец и Бога. Во животот нема човек што е безгрешен што живее на земјата, само Господ Исус Христос. Зошто тој човек да го носи целиот товар на своите плеќи, кога може да го каже пред иконата, причесниот и животворен крст, да се покае за она што го направил, ќе му биде полесно бидејќи кога ќе ги прими телото и крвта Хистови ќе биде многу смирен во својата душа“, вели отец Игор Димитриевски.

Црвеното јајце е симбол на Велигден, зошто јаце и зошто токму црвено?! – Токму црвеното јајце го симболизира овој христијански празник и вера.

„Јајцето бидејќи има тврда кора, што означува цврстина на самата христијанска вера, а црвената боја е крвта на Исус Христос. „Но кога го прободеа со копје, потече крв и вода“ и со тоа се симболизира самиот христијански празник, Христовото воскресение. Црвената боја е крвта, симболот на Бога, а јајцето е цврстината на верата“, објаснува отец Димитриевски.

Вапсањето три црвени јајца рано наутро на Велики Четврток, пред да изгрее сонцето е традиција која се пренесува од генерација на гернерација и тоа црквата го прифатила, вели отецот, но овие три јајца се симбол на Отецот, Синот и Светот Дух.

„Тоа е симбол, традиција и обичај кај народот и тоа црквата го прифаќа нема никаква отстапка од црквата. Стануваат рано наутро пред изгрејсонцето и фарбаат три јајца, со кои јајца доколку имаат мали дечиња во кругот на семејството ги допираат по лицето, за здравје. Тие три јајца ги чуваат како симбол за Отецот, Синот и Светиот Дух, симболот кој што ги чува до другата година до Велигден и во домот се чуваат во некое одредено катче. Тоа се трите јајца од почетокот на постот, а во текот на денот се вапсаат и други јајца. Вечерта на Велики Четврток има богослужба во светите храмови каде се читаат 12 –те Евангелија, каде се опишува животот и страдањето на Бога додека бил на земјата и додека проповедал и неговото страдание на крстот. Со изнесување на крстот на кој што бил распнат Господ Исус Христос, кога ќе се положи на средината на храмот, луѓето принесуваат дарови, но и велигденските јајца. Се принесуваат и цвеќиња кои го симболизираат трновиот венец кој што го носел нашиот спасител Исус Христос“, вели отец Игор Димитриевски.

Велики Петок денот кога верниците во црковните храмови принесуваат јаца, дарови и цвеќиња, но и се протнуваат под плаштеницата која го симболизира гробот на Исус Христос, за благослов и здравје.

„Велики Четврток изнесувањето на распетието, каде се поклонуваат и го бакнуваат крстот каде што е распнат Господ Исус Христос, додека на Велики Петок утрината и царските часови на богослужбата се изнесува плаштеницата онаму каде што е завиткано неговото тело, а тоа е праслика каде Господ Исус Христос е положен на плаштаницата, се изнесува и се положува на гробот каде што е симболиката и луѓето се протнуваат под гробот за здравје и спасение, но секој за себе. Многумина велат  – „јас ќе се протнам под гробот за мене, но и за моите блиски“. Помазанието односно прскањето на мирисот, е за благослов, односно со мирисот со темјанот за убавината во животот“, вели отец Игор Димитриевски.

Често на трпезите за време на Велигденските празници се сретнува зајакот како украс, отец Димитриевски неможеше да даде конкретен одговор по ова прашање, зошто зајакот претставува симбол за Велигден, но претпоставува дека тоа е украс кој ја разубавува трпезата. Но затоа пак објасни зошто најчесто црвените јајца за Велигден се ставаат во домашно насадена пченица.

„Пченицата е како род, христијански род. Со раѓањето на печницата, кога ќе се посее е млада, а потоа созрева исто така и за човекот, тој е млад ја созрева верата, дознава што значи верата, дека е таа силна и цврста“, вели отец Димитриевски.

Тој ги повика верниците да ги посетат црковните храмови и да присуствуваат на литургија.

„Јас ги повикувам верниците да повелат во светите храмови, а Бог ќе не заштити сите. Бог помага на сите, но и ние самите треба да си помогнеме на себе, бидејќи верата во Бога е голема. Секој треба да има вера, надеж и љубов и да го љуби својот ближен, односно да се чува она што Бог ни го оставил овде на земјата’, порачува отец Игор Димитриевски.

На крајот од разговорот тој на сите верници, на сите христијани им го честита Велигден, со велигднескиот поздрав Христос воскресе – Навистина воскресе, со многу здравје и да се чуваме. Чувајте се, а Господ е голем, порача отец Игор Димитриевски.

Габриела Додевска