Со трите вапсани јајца пред изгрејсонце ги допираат дечињата по лицето за здравје, вели отец Игор Димитиевски – ММС
ММС

Објавено на: 04/29/21 8:30 AM

Со трите вапсани јајца пред изгрејсонце ги допираат дечињата по лицето за здравје, вели отец Игор Димитиевски

Црвеното јајце е симболот на големиот празник Велигден или Исусовото воскреснување. На Велики четврток рано наутро според обичаите, домаќинките во својот дом пред изгрејсонце и вапцаат три црвени јајца кои го симболизираат Отецот, Синот и Светиот Дух. Верувањата се дека овие три црвени јајца ќе го заштитат семејството и токму затоа се чуваат преку цела година.

Отец Игор Димитриевски од црковниот храм „Рожденство на Пресвета Богородица“ во Скопје, вели дека таквите обичаи и традиции на народот ги прифатила и црквата. Но славењето на Бога е во светите храмови со литургија и посетата на верниците на големиот ден Велики Четврток, кога се читаат 12 -те црковни евангелија.

„Тоа е симбол, традиција и обичај кај народот и тоа црквата го прифаќа, нема никаква отстапка од црквата. Верниците стануваат рано наутро пред изгрејсонцето и вапсаат три јајца. Со овие јајца доколку имаат мали дечиња во кругот на семејството ги допираат по лицето, за здравје. Тие три јајца ги чуваат како симбол на Отецот, Синот и Светиот Дух, симболот кој што ги чува до другата година до Велигден.

Овие јајца во домот се чуваат во некое одредено катче. Тоа се трите јајца од почетокот на постот, а во текот на денот се фарбаат други јајца. Вечерта на Велики Четврток има богослужба во светите храмови каде се читаат 12 –те евангелија, каде се опишува животот и страдањето на Бога додека бил на земјата и додека проповедал и неговото страдание на крстот. Со изнесување на крстот на кој што бил распнат Господ Исус Христос, кога ќе се положи на средината на храмот, луѓето принесуваат дарови, но и велигденските јајца. Се принесуваат и цвеќиња кои го симболизираат трновиот венец кој што го носел нашиот спасител Исус Христос“, вели отец Димитриевски.

Габи Додевска

Фото: Вангел Тануровски