Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средби со Комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји и со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, со што ја започна неговата работна посета на Брисел.
На средбата со Комесарот Вархеји, претседателот Пендаровски изрази благодарност за неговиот ангажман и поддршка за реализација на договорот за распределба на 651.000 дози од вакцината „Фајзер” за земјите од Западен Балкан, од кои нашата држава ќе добие 119.000 вакцини. Претседателот порача дека е клучно да се забрза процесот на вакцинација во претстојниот период и да се овозможи животот да се врати во нормала што побрзо, заблагодарувајќи се на ЕУ за целокупната поддршка и помош во справувањето со пандемијата, како и за демонстрираната солидарност.
Претседателот Пендаровски ја поздрави улогата на комесарот Вархеји во подготовката на економско-инвестицискиот план за Западен Балкан од страна на Европската Унија и ги нагласи очекувањата дека неговата имплементација ќе има многу важно позитивно влијание врз социо-економскиот развој на земјите и ќе ја зајакне регионалната соработка.
Двајцата соговорници разговараа за можностите за исчекор на Северна Македонија во евроинтеграциите, во контекст на претстојните состаноци во рамките на Европската Унија што треба да се одржат во мај и јуни годинава, како и билатералните прашања врзани со добрососедските односи. На средбата се разменија мислења и информации за надминување на проблемите со Бугарија.
Претседателот Пендаровски и комесарот Вархеји ја посочија важноста за скорешно одржување на меѓувладината конференција и формалниот почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија.
На средбата со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, се разговараше за најновиот развој на настаните во регионот, како и за предизвиците со кои се соочува во поглед на регионалната стабилност.
Соговорниците ја истакнаа важноста на регионалната соработка и процесот на проширување на Европската Унија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски порача дека Северна Македонија е подготвена да ги почне пристапните преговори со ЕУ.
Во рамки на посетата на Брисел, претседателот Пендаровски денеска ќе оствари средби и со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, со потпретседателот на Европската Комисија и Висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, како и со европратеникот и известител за Република Северна Македонија, Илхан Кјучук.
Претседателот Пендаровски утре, 28 април, среда, ќе оствари средба со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.