Официјални претставници на Европската Унија (ЕУ) истакнаа дека не го виделе нон-пејперот за промена на границите на Балканот, наводно испратен од словенечкиот премиер Јанез Јанша до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и дека не поддржуваат никакви промени на границите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Европската комисијата, Ерик Мамер, на дневната прес-конференција одговори на прашањето во врска со оваа тема.
Нагласувајќи дека не виделе таков документ за балканските земји, каков што некое време се споменува во медиумите, Мамер рече дека не знаат за идеите за прашањето за промена на границите.
„Позицијата на ЕУ во врска со ова прашање е јасна. Ние не сме за никакви промени на границата. Мислам дека ова е прашање што треба целосно да го заборавиме. Без оглед на тоа дали документот ќе дојде или не, нашиот став за ова прашање е многу јасен“, рече портпаролот на Европската комисија, Мамер.
Во документот, чија содржина беше објавена во вестите во словенечките медиуми, беше откриено дека Босна и Херцеговина треба да биде поделена и дека Република Српска (РС), еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина, треба да се спои со Србија. Исто така во документот стои дека Косово и Албанија треба да се спојат.
Документот подготвен на англиски јазик со наслов „Западен Балкан – патот напред“ не е официјален став на Словенија.
Се тврди дека тоа е „решение“ за проблемите со кои се соочува поранешна Југославија.
Во документот се нагласува дека членството на Босна и Херцеговина во ЕУ треба да биде одбиено и дека Турција ќе има корист од јазот во регионот, особено во Босна и Херцеговина и Северна Македонија.