Небезбедна, загадена и валкана. Ваква е веќе една недела пешачката – рекреативна патека која води до пределот Бањиче на Шар Планина, откако започнаа градежни активности за спречување на идни ерозивни процеси покрај самиот коловоз и тротоар, кои во последно време беа се почеста појава.
При ископ на планинскиот терен долж патеката, чија крајна цел е како што најавија општинските власти изградба на каскадни системи кои би ги спречиле свлечиштата, огромен одрон од камења и земја се струполи и го затрупа патот, наспроти хидроцентралата на ЕВН.
Неколу дена пешачката зона беше забранета за користење од самиот одрон до Бањиче. Но по расчистувањето на теренот, неделава рекреативците пак смеат да ја користат, но наместо низ чиста средина, тетовци низ пределот до Бањиче пешачат по кал, руиниран тротоар, а голтаат и прашина.
-Одронот се расчисти, но видете што остана. Голем дел од тотоарот е уништен, пешачиме по кал, а голтаме и прашина. Градежната механизација си работи и таа ќе работи, но сега кога сакаме малку да се издуваме, кога цела зима бевме во изолација поради пандемијата, треба Општина Тетово да го исчисти теренот со вода да ја измие пешачката зона и улица. Нека помине еден камион со вода нека ја испере, барем тоа што остана во градот за рекреација нека биде како што треба, истакна еден тетовец кој редовно го користи овој предел.
Дел од граѓаните бараат рекреативна зона до Бањиче да се забрани за возила кои создаваат бучава, го загадуваат воздуот, а сега кога поминуваат дигаат голема прашина од самиот пат кој не е исчистен.
-Не знам само што бараат возилата да поминуваат тука. Ова е катастрофа. Ни сега а ни претходно не треба да се дозволи тука да поминуваат возилата. Сега па никако, има горе два ресторани, ама сега поради пандемијата овие ресторани не работаат, што мајка бараат автомобилите нагоре, оваа зона треба да биде рекреативна и за ништо друго , додаде една жителка на Тетово.
-И тогаш кога се прошируваше патот укажував дека истиот се проширува со стрмни косини , а требаше со благи косини, за да имаме стабилен терен. Сега теренот е нестабилен. И тогаш проектантот немал утврдено во проектот заштита на овој предел од ерозивни процеси откако ќе го прошири патот. Самиот тој утврдил дека на некои места теренот е ризичен и поставил неколку мали потпорни ѕидови, но се покажа дека тие потпорни ѕидови не се доволни да го заштитат овој терен од ерозија на земјата. Сега треба добро да се разгледа теренот и на некои места можеби треба да се постават каскадни системи, на некои можеби треба да се постави заштитна жица, некаде можеби треба и некој поголем потпорен ѕид, се зависи од теренот, истакна геологот Усеин Багашов
Инаку од Општина Тетово, истакнаа дека градежна механизација работи на терен, со цел на најризичните места да се направат каскадни системи, за да се заштити пределот од ерозивни процеси. По завршувањето на ваквите градежни активности, ќе следува сериозен голем проект за спречување на појава на големи свлечишта на овој предел, додадоа од локалната самоуправа.
Зоран Димовски