Професорот Томе Наумов од Високата медицинска школа во Битола, кој има 39 години академски стаж, вчера бил шокиран откако за време на испит, од администрацијата му соопштиле дека повеќе не е вработен, дека на 12 април веќе наполнил 64 години иако поднел изјава да го продолжи работниот век. После овој настан, професорот Наумов вели дека студентите му праќале постојано пораки за поддршка. Според Законот за високо образовение, пак, универзитетски професор сеедно дали наполнил 67 години, а ја има започнато академската година, тој ја завршува академската година, која завршува до 30 септември.
-Во текот на вчерашниот ден ми се случи непријатен настан. На држење испит, пред студентите ми беше соопштено дека сум одјавен од Агенцијата за вработување. Бев вчудоневиден, рече проф.д-р Наумов.
Според него, има кршење на законитоста, а правдата најави дека ќе ја бара преку судски пат.
-Надвор од Законот за високо образование сум одјавен од Агенцијата за вработување. Иако исполнувам 64 години, правото на професорот е со изјава да продолжи до 67 години. Тоа што некој го толкува, кој е август, кој не е август, дали во тековната или претходната година, тоа е прашање за судот. И тие ќе го одлучат. Поднесов изјава. Но, нивното толкување е според Законот за работни односи, меѓутоа, не е важно, односно важно е што и така да е, не можеше да ме одјави, морав да ја завршам академската година, вели професорот Наумов.
Од Ректоратот на Битолскиот универзитет велат дека ниту еден пишан документ поврзан со професорот Томе Наумов не пристигнал до нив затоа, па без документација не може да коментираат.
Директорката на Високата медицинска школа, професор д-р Домника Рајчановска, вели дека сите одлуки што ги донела во врска со професорот Наумов, се засноваат врз почитување на одредбите од Законот за работни односи и Законот за високото образование. Таа вели дека професорот доставил Изјава за продолжување на работниот стаж, но дек таа била доставена непосредно пред тој да наврши 64 годишна возраст, со што, како што вели, е прекршен член 104, став 3 од Законот за работни односи и секое нејзино поинакво постапување би било спротивно на Законот.
Маја Богоевска