Книгата не може да ми ја земе дури ни министерката Мила – Пратеникот Игор Здравковски шампион во читање – ММС
ММС

Објавено на: 04/23/21 6:00 PM

Книгата не може да ми ја земе дури ни министерката Мила – Пратеникот Игор Здравковски шампион во читање

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски доби благодарница за најголем корисник на библиотеката во Собранието за 2020 година, по повод денешниот Светски ден на книгата.  Политичарот од Велес од почетокот на неговиот мандат во август 2020 до крајот на декември прочитал 16 книги, односно читал по една книга на секоја недела. Здравковски е одделенски наставник кој ја обожава дружбата со книгите и затоа бил пријатно изненаден од богатата собраниска библиотека која содржи 32.000 дела од домашни и светски автори, како и многубројна стручна литература која може да ја користат пратениците во своите мандати.

– Претежно читам стратегии и маркетинг. Мора да бидеме во тренд со новите креативни и визуелни начини на изразување во политичките кампањи. Сите дела ги одбрав во насока на моето дејствување. Јас сум член на четири собраниски комисии: Комисија за финансирање и буџет, за образование, за култура и за европски прашања. Поради тоа сакам да го надградам своето знаење. Не сакам неподготвен да доаѓам на седници – истакна Здравковски во разговор за ММС.

На пратеникот од опозицијата ова му е прв мандат како народен избраник и поради мерките и протоколите за движење низ собраниските ходници и надвор од нив, тој не бил сведок на дружењето кое пратениците го имале во кујната или Клубот на пратеници.

– Поради протоколите за Ковид, работи само бифето. Клубот на пратеници каде што најчесто се дружеле моите сегашни и бивши колеги и каде што се случувале преговори или договарале договори, не работи. Имаме ограничено движење и затоа јас паузата помеѓу некои седници ја користам да поминам малку време со книгите – вели пратеникот.

Освен по политичкиот ангажман, Игор Здравковски на дел од јавноста и е познат по многубројните учества во различни квизови. Тој многу често купувал книги и енциклопедии кои ги обожава, но не му дошло ни на крај памет дека едно мало книгиче “Спортски награди, успеси и резултати“ ќе му се најде толку многу.

– Книгата ја купив два дена пред да учествувам на квизот Милионер. Имаше едно прашање за тоа кој универзитет ја доделувал Пулицеровата награда. За среќа, во книгата со резултати, имаше и добитници на оскари, победници на фестивали и добитници на новинарски награди. Ми текна дека новинарската награда Пулицер ја доделува универзитетот Колумбија и благодарение на тоа книгиче освоив прилично висока сума на пари – се присети Игор Здравковски.

Тој откри дека доживеал непријатно искуство со проблеми со видот во своето семејство и ги запаметил зборовите на лекарот дека децата може да играат игри на компјутер, но никако да не читаат книги затоа што фокусот во една точка ќе му наштети на видот. Игор ова го раскажа во контекст на Светскиот ден на книгата и во контекст на планот на министерството за образование кое планира од следната година да спроведува настава со дигитални учебници, наместо со печатени.

– Оваа благодарница ми е посебно драга затоа што доаѓа во време кога нашата ценета министерка за образование сака да ги укине учебниците, налик на спалувањето на книгите во нацистичка Германија. Американскиот писател и сценарист рекол: “Нема потреба да се изгорат книгите, за да се уништи една култура. Доволно е луѓето да престанат да ги читаат“ – рече Здравковски во разговорот за ММС и додаде:

– Без книга, без класична печатена книга нема вовед во знаење и љубов кон знаењето, нема ниту успешно образование. Таа постои и во оние најмодерни замји во кои дигиталната книга е опција и за учење и за читање. За нашата Македонија КНИГАТА е насушна потреба и неа никој и никому не смее да му ја одземе, додаде тој.

 

Орце Костов