Процесот на имунизација добро се одвива во сите пунктови на територијата на цела држава. Од вакцината на АстраЗенека останати се близу 5 илјади дози, а околу 5 илјади дози имаме и од вакцината на Фајзер кои ќе бидат дистрибуирани како надополнување. Ова го соопшти денеска министерот, Венко Филипче од салата „Борис Трајковски“ каде почнува имунизацијата на пратениците. Освен нив, ќе се вакцинираат и собраниските служби кои не успеале да се вакцинираат претходниот пат.
Нивната имунизација се одвива со руската вакцина Спутник В, од која се останати околу 200 дози, со што практично ќе се исцрпи целата количина од оваа вакцина.
„Околу половина од дозите (околу 1000) се искористени од вакцината Синофарм. Тоа се дозите кои стигнаа како донација од Арапските Емирати“, изјави Филипче. Тој информираше дека пристигнала и листа од компанијата Фајзер, со која е презентиран распоредот според кој во земјава ќе пристигнуваат уште количини во текот на следниот месец.
„Секој понеделник ќе пристигнуваат по помеѓу 5 и 7 илјади дози, значи околу 26 илјади дози предвидено е да стигнат во текот на целокупниот месец и ќе планираме како ќе бидат дистрибуирани низ целата држава“, додаде Филипче.
Тој најави дека околу 28-ми април во земјава треба да пристигнат и 200 илјади дози од вакцината на Синофарм. Планот за дистрибуција на овие дози веќе е готов согласно бројот на пријавени граѓани на сајтот Вакцинација.мк.
„Пристигнувањето веројатно ќе се преклопи со велигденските денови и вакцинацијата со таа вакцна ќе почне во вторник по велигденските празници. До тогаш спортските сали во сите шест градови ќе бидат спремни. Салата во Охрид е веќе спремна, а ќе бидат и сите останати во Штип, Куманово Битола, Тетово и Кавадарци. Ќе бидат опремени и со кадар од соодветните здравствени домови“, појасни министерот.
Околу 150 илјади граѓани во овој момент се пријавени и тоа ќе биде начинот по кој ќе го продолжиме процесот на имунизација – додаде тој.
Во однос на реакциите од здруженијата на хронично болни граѓани и оние со ретки болести, министерот и понатаму е дециден дека вакцинацијата ќе се одвива според возраста.
„Нашиот став е дека согласно возраста ќе се вакцинираат сите кои се пријавени, знаат и членовите на здруженијата со оглед на тоа што има огромна брјка на граѓани со хронични болести . Нашиот став е дека ќе одиме по возраст. Апелирам да се пријават и согласно пријавувањето ќе се вакцинираат понатаму“, додаде Филипче.
Во однос на капацитетите на болниците, според него, се бележат трендови на опаѓање на бројот на новодијагностицирани случаи.
„Се намалува бројот на прегледи во сите ковид центри и намален е притисокот за прием на пациенти во болничките установи. Има голем број слободни болнички кревети. Викендов ќе почнеме со ослободување на одделенијата кои беа дополнително ангажирани за третирање на ковид-пациенти“, најави министерот за здравство.
В.Ми