Властите на Руската Федерација најавија повлекување на војската од границата со Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кратко по ненадејната вежба за воена готовност утринава, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу прогласи крај на воените вежби во пограничниот појас и им нареди на воените единици да се вратат во своите постојани бази.
„Целта на ненадејната вежба на воена готовност во потполност е постигната. Армијата покажа брилијантна готовност да ја брани земјата“, изјави Шојгу по вежбата во црноморскиот регион.
Тој изјави дека Армијата ќе продолжи внимателно да ги следи активностите и ангажманот на НАТО силите во престојната вежба „Defender Europe 2021“.
„НАТО значително го зголемува военото присуство во црноморскиот регион. Зголемени се разузнавачките и воените активности во регионот“, изјави Шојгу и додаде дека Русија ќе ги надгледува тие активности.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, неодамна изјави дека Русија ја испраќа својата војска на границата со Украина и дека тоа е најголемо собирање на руските сили уште од 2014 година и нелегалната руска анексија на Крим.
Русија и Украина взаемно се обвинуваат за провокативни активности во пограничниот регион.