Предаторот и ги сруши соништата на ќерка ми – Ненад Дејаноски разочаран од одлуката на судот за само една година затвор за обид за силување на Мартина – ММС
ММС

Објавено на: 04/22/21 10:12 AM

Предаторот и ги сруши соништата на ќерка ми – Ненад Дејаноски разочаран од одлуката на судот за само една година затвор за обид за силување на Мартина

Седумнаесетгодишната Мартина Дејаноска од Велес, која била жртва на сексуален напад кога имала само 15 години,  покажа огромна храброст откако во објава на социјалните мрежи го раскажа своето трауматично искуство. Причината Мартина да биде гласна е пресудата од само една година ефективен затвор за 62-годишниот сексуален престапник.

Нејзиниот татко, Ненад Дејаноски во разговор за ММС призна дека се чувствува разочарано и дека не очекувал ваква казна и затоа со сопругата ја поддржале Мартина јавно да го раскаже своето искуство со цел да ги охрабри девојките и жените кои доживеале слична траума, но молчат од страв.

– Ние сме дојдени во Велес пред само три години, а само по една година од доаѓањето на Мартина и се случи ова. И се срушија сите соништа. Во првичните моменти ни беше многу тешко, но разговаравме со неа постојано на таа тема и не дозволивме да потоне во мрачни сценарија. Како семејство секогаш сме биле отворени меѓу себе и тоа ни помогна многу. Решивме да ја поддржиме и да не ја оставиме во ниту еден момент. Брат и е две години помал од неа, но и помогна многу. Ние имаме три деца и сите ги учевме на вистински вредности и ова што ни се случи не погоди многу – вели Ненад.

Тој е разочаран од Судот кој предолго, цели 23 месеци го водел случајот, а за тоа време обвинетиот бил слободен и работел во образовна институција.

– Јас сум човек кој треба да го спроведува законот, работам во МВР и оставив системот да си ја заврши работата. Но, системот не функционира. Тоа што обвинетиот немал направено вакво дело претходно, не е причина да му дозволиш да се шета по улица или да добие олеснителна околност при одредување на казната. Поднесовме жалба за да се смени казната и ако таа остане иста, нема да застанеме тука и правдата ќе ја тераме до крај. Нашата цел не е да се реши случајот, затоа што нашата приказна е завршена, туку да им бидеме ветер в грб на другите девојки и жени кои досега молчеле и да им помогнеме да го надминат своето трауматично искуство – додаде Ненад во разговорот за ММС.

Нему му е мило што откако Мартина го раскажала своето искуство, немало негативни критики кои на почеток ги очекувале и добиле поддршка од сите организации и граѓани. Освен тоа уште подобро е и тоа што по раскажувањето на приказната се осмелиле и други девојчиња да кажат дека биле нападнати од истиот предатор.

Раскажувајќи го своето искуство Мартина вели дека не треба да се молчи затоа што никој од жртвите не се виновни и никој не го заслужува тоа.

Таа пред неколку дена во подолг пост на Фејсбук ја искажа својата разочараност.

“Поминаа две години. Срамота е, ќути… “Што ќе кажат другите?”  Уверувања со кои сте растени, уверувања кои се наметнати и во кои сте поверувале.  Не е се вистина! Не треба да молчиме! Не сме виновни! Не си го бараме сами! Никој од нас не го заслужува тоа! Чудно е да се раскаже мојата приказна но по сето она што го поминав и разочарувањето слушнато после објавената пресуда, решив да ја раскажам најтешката приказна за мене во мојот живот.

Некои ме знаат, оние кои ќе ме прочитаат за прв пат ќе говорам јасно и гласно. Јас сум Мартина Дејаноска, деновиве наполнив 17 години и не е како да имам поминато кој знае колку во животот, но тоа што ми се случи мене не го посакувам на никого, а сето она што ќе ви го раскажам денес е со цел да ве инспирирам сите – ДА НЕ МОЛЧИТЕ! Реално јас ја имав таа среќа да избегам од рацете на еден ПРЕДАТОР, а за вас на кои веќе ви се случило па сте премолчиле или ќе ви се случи утре па ќе премолчите, искрено не знам.

Дејствијата кои се случија и елементите на кривичното дело, други полови дејствија на дете кое наполнило 15 години беа исполнети, причината поради која се решив да пишувам денес е резултатот и исходот од пресудата која гласи „ЕДНА ГОДИНА ЕФЕКТИВЕН ЗАТВОР“, пишува храбрата Мартина на Фејсбук.

Пред точно две години таа била нападната од  62-годишен маж во Велес, при посета на играорна група во салата на Средношколскиот училишен центар- Велес. Постар маж ја искористил ситуацијата кога на младата девојка и се слошило, па и се понудил да и помогне. Но, наместо да и помогне, тој набрзо почнал сексуално да ја злоупотребува, недозволено да ја допира по нејзините гради, а кога се обидела да се оттргне, тој ја задржал и ја убедувал дека тоа што и се случува не е сексуално насилство.

“ Во тој момент од една од канцелариите излезе постар човек ни помалку ни повеќе, а подоцна разбрав на 62 годишна возраст кој ме погледна и ми се обрати со зборовите „Девојче имаш ли некаков проблем”, наивно од моја страна нешто на што ме предупредуваа моите родители отсекогаш, јас кажав дека имам вртоглавица и дека не ми е добро.

Предаторот во тој момент ми се обрати со зборовите „Дојди седи тука одмори”…  Е таа е таа наивност на која вашите родители ќе ве учат ама па вие никогаш што од тврдоглавост, што од гордост мислејќи се знаете, нема да ја предвидите па после ќе биде доцна.

Влегов во просторијата седнав на едно столче вртоглавицата беше ужасна, истиот ми пријде од позади понудувајќи ми чоколадо и во тој момент ги стави неговите раце на мојата глава, почна да ме масира на главата не чекав ни момент, се беше брзо, веднаш реагирав и во тој момент сватив дека е време да бегам. Полека почна да ги движи своите раце кон моите раменици, па пробав да станам и тогаш бев притисната од него на столчето.

Знаев дека не е во ред тоа што се случува и повторно пробав да избегам, но тогаш се случи најгадното искуство. Предаторот ме фати, ме повлече кон него, ме притисна, ставајќи ги неговите раце околу моите гради, силно притискајќи и обраќајќи ми се со зборовите “НЕ Е ОВА ТОА ШТО ГО МИСЛИШ“ (и други вулгарни зборови), по што не знам како и од каде таа сила, но успеав да ги тргнам неговите раце од мене да се оттргнам и избегам од просторијата.

Толку беше краток овој момент… но за мене верувајте беше ЦЕЛА ВЕЧНОСТ“.

Мартина успеала да побегне и случајот веднаш го пријавила во полиција. Престапникот бил веднаш фатен, но обвинителството го гонело во бавна постапка и после две години низ судските лавиринти тој добил само една година ефективен затвор.

“Да бидеш злоупотребен е едно од најстрашните искуства, особено за веќе збунето петнаесетгодишно дете. По овој настан мозокот ми се затвори. Се чувствував вкочането, се чувствував како школка. Сите мои чувства – повредата, срамот, лутината, вината, тагата и збунетоста беа затворени.

Тогаш почнав да ги сонувам соништата – ужасни застрашувачки кошмари, живописни повторувања на траумата.

Мислев дека нема да можам да се справам со тоа, се чувствував како да експлодирам но ете со помош на моите најблиски успеав. Најпрво се помирив со фактот и ја почнав борбата со демоните и кошмарите кои ме прогонуваа“.

Дејаноска апелира до други жртви на сексулано насилство да говорат јавно за тоа што им се случило и повикува на државните и меѓународните институции да превземат нешто.

“Можеби ќе звучи чудно сето ова да се знае, но не е чудно сите да знаат што може да им се случи. Приказна која сакам да биде поттик за сите оние кои досега се плашеле и за сите оние кои после вакви настани си молчат и не сакаат никој да дознае што и како им се случило. Ви се обраќам на сите бидејќи денес се е веќе возможно има некои мигови и дејствија во животот за кои поголемиот дел од денешната младина смета дека никогаш не треба да се раскажат. Јас не сум од тие и сакам да ме слушнете јасно и гласно.

Од моите родители научив и вечно сум им благодарна за тоа дека во животот ќе дојдат моменти, ќе се појават личности и денови кои никогаш не треба да се доживеат, да се почувствуваат, да се помирисаат, моменти кои никогаш не смее да се вкусат. Но најбитното од се е дека истите тие личности, денови, моменти никако не смеат да се премижат, а најмалку да се премолчат. Време е за промени, време е за акција, не само празни зборови. После секој ужасен настан во кој се вклучени деца, сакам да ги повикам сите организации меѓународни и државни за заштита на жената и децата, политички и административни кои исто така декларативно секој ден се залагаат и се борат за подобри женски и детски права.

Можеби чукам на погрешна врата, но се надевам на поддршка во борбата со овие појави, време е за промени на законите, време е санкциите да бидат санкции, а не само празни зборови кога веќе се ќе биде доцна.

Тогаш бев јас, утре ќе биде некој друг, додека не биде касно ве молам барам подршка да ја пренесеме оваа порака. Не молчете, бидете силни само така ќе ја зачувате вашата гордост!“, апелира 17-годишната Мартина.

Поминаа две години 👎👎👎
“Срамота е, ќути… “Што ќе кажат другите?”
Уверувања со кои сте растени, уверувања кои се…

Posted by Martina Dejanoska on Sunday, April 4, 2021

 

Фотографиите се објавени со дозвола од родителите

Орце Костов