Фирмите и самостојните вршители на дејност од денеска па до крајот на месецов ќе може да аплицираат за финансиската поддршка за плати од петтиот пакет економски мерки за справување со последиците од ковид кризата. Деталите денеска на прес конференција ги образложија министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска. Тие најавија дека на денешната владина седница ќе се разгледува и шестиот пакет мерки, кои ќе бидат презентирани денеска на прес конференција. Со ова, допрва треба да се знае колку ќе „тежи“ ваквиот пакет и какви поволности ќе донесе тој за граѓаните.
За мерката за финансиска поддршка за исплата на плати пак, како дел од петтиот пакет, издвоени се 1,9 милијарда денари.
„Значи имаме издвоено 31 милион евра кои ќе опфатат околу 60 илјади работници. За секој работник ќе биде исплатена поддршка во распон од 14 500 денари до 21 776 денари по месец. Висината на поддршката ќе биде утврдена согласно намалувањето на приходите во последните три месеци од месецот за кој се поднесува барање, во однос на истиот период од претходната година“, изјави Бесими.
Тој информираше и за други поволности предвидени со оваа мерка.
„Со оваа мерка од петтиот пакет, за сите корисници предвидено е 50 отсто од исплатената помош да се трансформира во грант без никакви услови. За оние кои во текот на годината ќе инвестираат во основна опрема, целата исплатена помош ќе се трансформира во грант средства“, додаде министерот.
Според него, дел од петтиот пакет е и мерката за која се издвоени 615 милиони денари, а која се однесува на бескаматната линија преку Развојната банка.
„Фирмите ќе може да аплицираат за кредити од 3 до 30 илјади евра. За фирмите кои ќе го зголемат бројот на вработени, кредитот ќе им се трансформира како грант“, објасни тој.
Во рамките на петтиот пакет економски мерки донесени се Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од економската криза предизвикана од вирусот за исплата на платите за февруари и март 2021, Закон за финансиска помош на лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствената криза исто за месеците февруари и март 2021 и Законот за измена на Законот за личен доход – потенцира директорката на УЈП, Лукаревска.
„За користење на финансиска поддршка за исплата на плати, работодавачот поднесува барање за поддршка за исплата на платите на работниците, за секој месец одделно преку системот Е-даноци најдоцна до 30 април 2021. УЈП најдоцна до три дена доставува одговор за комплетноста на барањето. УЈП ќе го информира Генералниот секретаријат на Владата за работодавачите кои ги исполниле условите“, додаде таа.
Бесими пак, оценува дека 2021 е година на ревитализација. Вели дека досегашните мерки го амортизирале падот на економијата за 4,2 проценти поени.
Кон средината на годината се очекува да биде спремен и ребалансот на Буџетот.
„Со него ќе се согледа динамиката на реализација на Буџетот, имавме прилично добра реализација досега. Во однос на расходната страна имавме подобра реализација на капиталните расходи и најголемата интервенција веројатно ќе биде во делот за поддршка на економијата. Тоа ќе биде на транспрентен начин. Ние одиме кон ревитализација на нашата економија и закјакнување на основата за економски раст“, најави Бесими.
В.М