Мразот ги обра праските во росоманско – ММС
ММС

Објавено на: 04/20/21 9:41 AM

Мразот ги обра праските во росоманско

Ниските утрински температури од 8 до 10 април направија големи штети во  овошните насади во општина Росоман. Комисијата за проценка на штети, формирана од општината,  утврди мрзнење и до сто отсто кај праските и кајсиите. Со оваа елементарна непогода опфатени се насади од 800 хектари, стои во извештајот на комисијата.

„Овие штети беа предизвикани и во месец март, кога исто така имаше ниски температури, а крајниот ефект е од 8 до 10 април. Слободно да кажам дека до сега ова е најголемо оштетување од пролетниот мраз, бидејќи нас и порано ни се случуваа вакви штети од пролетните мразеви“, вели градоначалникот на Росоман, Бранко Јанев.

Според првичните проценки на комисијата, овоштарите годинава загубија околу 16 милиони килограми производи или 480 милиони денари. Конечниот износ на материјална штета од мрзнењето ќе се утврди по пријавување на конкретни штети од земјоделските производители.

„Во среда ќе биде објавен јавен повик на кој оштетените ќе можат да ги пријават штетите и со тоа конкретно да аплицираат за надомест на штетата“,  вели градоначалникот.

Овоштарите жалат за изгубениот род. Велат дека годинава нема да можат да скинат ниту една праска или кајсија. Се жалат дека речиси секоја година во овој период од годината нивното производство е на удар на временските неприлики.

 

Ангел Данов