Поранешниот фудбалер на Атлетик Билбао и Манчестер Јунајтед, Андер Ерера, го подигна својот глас против натпреварувањето формирано од 12 европски клубови. Фудбалерот на ПСЖ кој одби да учествува во Супер Лигата, напиша дека богатите го крадат она што сиромашните го имаат создадено, а тоа е најубавиот спорт на планетата.
-Јас се заљубив во популарниот фудбал, фудбалот на навивачите, со сон мојот тим да игра и да се натпреварува против најголемите. Доколку оваа европска Супер Лига се реализира, тие соништа престануваат да постојат. Илузијата на фановите за победа на тимовите кои не се гиганти, натпреварувајќи се помеѓу најдобрите, ќе заврши. Го сакам фудбалот и не можам да останам тивок на оваа тема. Верувам во подобрување во Лигата на шампионите, но не во тоа што богатите го крадат она кое го создале сиромашните, најубавиот спорт на планетата, напиша Ерера на социјалните мрежи.
Ерера е првиот играч што јавно зборуваше и се спротистави на елитистичката идеја смислена некаде во САД или Шпанија. По него збор зедоа и португалските интернационалци, Даниел Поденс и Бруно Фернандес.
Ѕвездата на Манчестер Јунајтед кратко на својот „Инстаграм“ профил напиша дека соништата не можат да се купат, цитирајќи го својот колега од Волвс кој претходно во краток пост на истата платформа ја долови суштината.
Крилото на „волците“ јасно и концизно напиша: „Топката. Песната. Сонот“, алудирајќи на Лигата на шампионите и магијата што ја носи тоа натпреварување со себе и му ја пружа на секој љубител на фудбалот во светот.
Фото:
skysport.com
д.ј