Први ќе одите во затвор кога ќе падне овој хибриден режим им порача Апасиев на пратеници во скафандери – ММС
ММС

Објавено на: 04/18/21 2:33 PM

Први ќе одите во затвор кога ќе падне овој хибриден режим им порача Апасиев на пратеници во скафандери

Експресно денес беа изгласани законите од точките од дневниот ред  на 32 -та седница  со помош на пратениците позитивни  на Ковид-19 кои дојдоа облечени во скафандери.

Додека траеше гласањето, пратеникот на Левица,Димитар Апасиев со деловникот на Собранието во рацете, се обидуваше да добие процедурален збор, стоејќи пред Џафери, кој одвреме навреме му велеше да се тргне. Апасиев ја отвори книгата на определена страница и така свртена кон него се обидуваше да му даде до знаење дека го крши деловникот.

Сепак Апасиев, доби процедурално. Тој образложи  дека требало веднаш да добие збор, бидејќи укажува на кршење на деловникот.

„Пратеник кој е спречен да присуствува на седница е должен тоа да го пријави претходно. Денеска направивте кривично дело, бидејќи во време на епидемија позитивни или болни лица и лица кои биле во контакт со позитивни на вирусот мораше да бидат во изолација, а не тука. Денес имаме двајца пратеници донесени спротивно на деловникот и законот и претставува кривично дело. Ако Заев ги тера да прават кривични дела јас ги советувам дека според кривичниот законик, тие ќе одговораат кривично, бидејќи согласно кривичниот законик не потстапуваат согласно мерки во услови на епидемија. Го доведовте во ситуација и Собранието да плати парична казна за ова прекршување на мерките. На тој начин, претседателе, вие и двајцата прагтеници го доведовте во сигтуација целото Собрание да оди во карантин. Да не сум и во кожата на овие двајца пратеници, кога ќе падне овој хибриден режим-први ќе одете во затвор“, рече Апасиев.

Џафери одговори дека според друг член од Деловникот претседателот на Собранието се грижи на пратениците да им овозможи услови за работа.

„Во ова Собрание, во подготовка на конститутивната седница, кога бев во болница, службите донесоа правилник за функционирање во услови на ковид. Имајќи ја предвид мојата претпоставка дека состојбите ќе се влошат, предложив измени во деловникот за да се регулира можноста да се обезбеди онлајн присуство на позитивни и болни пратеници. Вие поднесовте три илјади амандмани за да го спречите тоа. Во ноември добив дополнение на протоколот според кој може присуство да се обезбеди во изолирани простории без да се има каков било контакт со други пратеници и лица во Собранието. Значи, имам добиено дополнение на протоколот и тоа треба да го прифатите. Инаку, редоследот на седниците не е во ваша, туку во моја надлежност и ќе работам така, а не со ваши ултиматуми и уцени. Тоа може на друго место да уценувате, кај мене не дозволувам“, одговори Џафери.

По завршувањето на 32 седница, продолжи 36-тата седница и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ влегоа во Собранието.