Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва изјави дека истрагата за случајот „Двојник” во врска со злоупотребите при издавање на пасоши, ќе се прошири, без разлика дали се работи за структури во МВР или надвор, и без разлика колку високо ќе се дојде во хиерархијата на полицијата.
– Нема толеранција за ниту еден, кој сака нека е тој, и во стурктурите на МВР и во државата генерално. Секако, со партнерските служби работиме надвор од територијата на државата, при утврдување на идентитетите и при преземање на мерки против лица кои тие ги користеле, рече Спасовски во „Само вистина” на ТВ Канал 5.
Министерот нагласи дека процесот на истрагата ќе покаже како и на кој начин тие се правеле.
– Ова започна како активност на претходната власт и режим. Вакви афери со лични карти, пасоши незаконски итн. започнале многу порано кои биле користени во изборни цели и за тоа се водеа постапки, од страна на СЈО беа покренати постапки, обвиненија итн, рече Спасовски.
Сите детали од истрагата, како што посочи, ќе бидат детално анализирани, а се обезбедуваат и дополнителни докази. Според него, важно е дека институциите реагирале веднаш и дека е спроведена истрага која дала резултати.
– По добивањето информации од Итерпол за таков случај веднаш беше отворена истрагата. Таму во податоците ќе видиме дека еден добар дел од пасошите се направени во периодот додека беше министерот (Наќе) Чулев на позиција, рече Спасовски.
Прашан како е можно една политичка партија да располага со така важни информации, како што е таа за 214 фалсификувани исправи, Спасовски се сомнева дека опозицијата сакала да ја саботира акцијата.
– Апсолутно е обид за саботажа, токму еден од луѓето кои се уапсени е човекот кој ги има извадено документите од системот и тоа на 27 јануари оваа година и тие докуметни се наоѓаат во штабот на опозициската партија. Тој работел во управните служби, токму на издавање на личните документи. Втората можност за да се добијат сите овие податоци е периодот кога нивен човек раководеше со МВР. Јас покажав еден документ во кој министер за внатрешни работи бара од одделот за крим полиција да му се достават сите податоци за кој се водат истражни постапки, спротивно на законот. Не може некој да добива податоци за водење на истрагите. Втор документ е пронајден, дека тогашниот министер бара за конкретно лице да пристапи до системот на Интерпол и притоа за потребите на неговиот кабинет. Ова се сериозни сомнежи, затоа повикав ОЈО да одработи во овој дел и да се утврдат сите овие апсекти кои ги имаме, нагласи Спасовски.
Информира дека МВР отворило посебна криминалистичка обработка која се однесува за вработени или функцинери поранешни и сегашни кои во одреден момент вадат или пласираат документи до опозициската партија, медиуми итн.
– Таа обработка е во тек, прибрани се многу податоци. Тука ќе излезат на виделина сите работи, кој на каков начин ги прави и поранешни и сегашни функционери. Електронскиот систем покажува кој е тој што влегува во системот и вади такви податоци, истакна Спасовски.
Во однос на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека добивал закани по живот, но не пријваил во МВР, Спасовски го повика да појде да пријави во полициска станица, и секако, како што рече, институциите ќе одговорат.
МИА