Брисел соопшти дека дигиталните зелени сертификати би требало да станат оперативни во Европската унија до крајот на јуни и ќе се издаваат за сите вакцини, вклучувајќи ги и руската и кинеската вакцина кои засега не се признати од ЕМА, а кон крајот на април ќе се знае дали и граѓаните од третите земји ќе можат да патуваат со ваков ковид пасош.
Европскиот комесар за правосудство, Дидје Рејндерс во дебата пред Одборот за слобода и правосудство при Европскиот парламент рече дека основната цел на дигиталниот зелен сертификат е да се олесни слободното движење во Европската унија и да им се помогне на граѓаните да го прават своето право на слободно патување на начин кој е прилагоден на здравствената ситуација.
„Зелениот сертификат е предлог на Европската комисија, кој во моментов се анализира и се дебатира во Европскиот парламент. На 17 март, Комисијата поднесе предлог Регулатива за дигитален зелен сертификат за олеснување на слободното движење во ЕУ – 2021/0068 (COD) и придружен предлог за државјани на трети земји законски престој или престој во ЕУ (2021/0071 (COD).
Вчера, европратениците го испитуваа комесарот Рејндерс за неодамна предложениот дигитален зелен сертификат и разговараа за аспектите на заштитата на податоците со ЕДПС“, одговори за ММС, Миреа Агиљар Пардо, од канцеларијата на портпаролот во Европскиот парламент.
Досега ЕУ планираше да овозможи патувања само со вакцина која беше одобрена од Европската агенција за лекови, а ако се усвои предлогот на Комисијата, најверојатно со дигитален сертификат ќе патуваат и македонските граѓани без разлика дали се вакцинирале со руска или кинеска вакцина.
Орце Костов