Извештајот за напредокот на С.Македонија кон Европската Унија подготвен пред Европскиот Парламент, нема да содржи видувања за последниот случај со издавање на пасоши на странски државјани со криминален бекграунд. Причината е што случајот беше обелоденет по завршувањето на извештајот. Меѓутоа, ова прашање ќе биде споменато во воведните зборови на известувачите. Ова го кажа известувачот за С.Македонија, Илјан Ќјучук на брифингот за новинарите.
-Кога станува збор за неодманешните скандали, ЕУ е длабоко загрижена за последниот развој на настаните во С.Македонија. Не, ова нема да се рефлектира на извештајот за напредокот, бидејќи излезе по неговото завршување. Но, секако потребни се длабоки реформи во правосудството, правната рамка и владеење на правото, што е основна вредност на ЕУ, рече Ќјучук.
Известувачот очекува обновување на прекинатиот дијалог меѓу Бугарија и Македнија да продолжи разговорите да се вратат на потпишаниот договор, а нерешените билатерални прашања да се најдат во билатерални рамки.
-Билатералните прашања не треба да бидат пречка за евроинтеграцијата. Не ни требаат уште повисоки ѕидови, ни требаат нови мостови, изјави Ќјучук.
Тој очекува опозицијата и власта заеднички да работат на стратешките цели, а најави и обновување на дијалогот во Собранието во рамките на процесот Жан Моне.
Шефот на делегацијата, Андреас Шидер беше уште подиректен. Тој на почетокот упати критика до Европската Унија за менаџирање на ковид кризата во Западен Балкан, бавниот процес на вакцинација во земјава, со очекувуање ЕУ да преземе проактивна улога. Ги спомена загубените животи во Македонија и доцнењето на вакцините.
-Мислам дека ЕУ треба да преземе одговорност за ова. Бидејќи ако ЕУ искрено го гледа Западен Балкан како свој дел во иднина, ние требаше да нарачаме вакцини и за земите од Западен Балкан. Јас сум виситнски засрамен, бидејќи не го направивме тоа. За жал, Србија и Кина, на пример беа желни да ја пополнат таа стратешка грешка на Унијата, изјави Шидер.
Двајца европарламентарци очекуваат реформи во правосудството, медиски плурализам и борба против организираниот криминал и корупција. Ветото на Бугарија и непочнувањето на преговорите со Македонија, Шидер ги оцени како неприфатливи.
Многу од новинарските прашања се однесуваа на односите со Бугарија. Известувачот Ќјучук, кој е европратеник од Бугарија, беше воздржан за очекувањата од новата бугарска влада, која се’ уште не е формирана и рече дека прво треба да се видат луѓето кои ќе ја формираат. Но, за доборото на Бугарија и ЕУ очекува, како што рече „стабилно политичко опкружување“.
Шидер го искажа својот личен став за односот на балканските политичари, кои како што рече, кога се заоструваат притисоците на граѓаните за решавање на економски прашања, работни места, образование, се префрлуваат на националистичка реторика. Несфатливо е за него што историјата влегува во разговорите меѓу политичарите. Тој дури предложи неколку еминентни европски историчари да се зафатат со прашањето межу Бугарија и Македонија.
Нон – пејперот на словенечкиот претседател Јанез Јанша не го имаат видено и двајцата, туку имаат информации од медиумите. Шидер рече дека не може да го нарече нон пејпер, но не верува дека поместувањето на границите ќе ги решат прашањата на Балканот.
Објавено на: 04/14/21 10:40 AM