Наредба за спроведување истражна постапка против 47-годишен скопјанец донесе Основното јавно обвинителство Скопје, поради основано сомнение дека тој сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 11 април, при влез во државава на граничниот премин “Блаце”, во патничкото моторно возило БМВ со скопски регистраски ознаки, неовластено заради продажба држел наркотична дрога – марихуана спакувана во полиетиленско ќесе со вкупна нето маса од 38,82 грама, пет таблети психотропна супстанција – 3,4 метилен диоксиметамфетамин и пластичен шприц со волумен од 10 ml хашиш масло.
При претрес во непријавеното престојувалиште на осомничениот, полицијата пронашла уште 2,68 грама марихуана и дробилка со остатоци од наркотична дрога.
Бидејќи постојат околности што укажуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. Судот го прифати предлогот и на осомниченото лице му определи притвор во траење од 30 дена.