Ултиматумот е поставен. Она од што се плашеа навивачите на Тотенхем изминатите години сега конечно им „тропна на врата“. Еден од најдобрите светски напаѓачи, Хари Кејн, следната сезона би можел да го напушти Тотенхем и да се пресели во друг клуб со повисоки амбиции, пренесува „Sky Sports“.
Иднината на Англичанецот ќе се решава по завршувањето на Европското првенство, но уште отсега во позадина се одвиваат разговори на релација Кејн-раководството на екипата од северен Лондон.
За останување во Тотенхем и потпишување нов договор, Хари Кејн бара излез во Лигата на шампионите за кампањата 2021/22. Доколку тимот на Жозе Мурињо не успее да се квалификува во елитното натпреварување, Кејн ќе ги промени клупските бои.
Договорот на дваесет и седумгодишникот истекува во 2024 година и тука би можеле да се појават потешкотии за потенцијалниот купувач, но желбата за трофеи и чекор напред не би го спречила Кејн во исполнувањето на своите желби и амбиции
На осум кола до крајот на Премиер Лигата, Тотенхем се наоѓа на шестата позиција на табелата со освоени 49 поени и само три бода заостанување во однос на четвртопласираниот Вест Хем.
Фото:
theathletic.com