И покрај пандемијата, бројот на работни места во технолошко индустриските развојни зони во Македонија е стабилен, а нето платата бележи мал раст, објави директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски.
Во 2020 година три компании го задржале бројот на вработени, 18 компании бележат зголемена вработеност и само деврт компании бележат намален број на работни места.
Просечниот број на вработени паднал за 1,5% во однос на 2019 година, но она што е важно како вкупен број на вработени, од декември 2019 до декември 2020 имале мал раст од 0,64%.
“Бројот е стабилен и тој податок треба да не радува со оглед на пандемиската година. Пред нас стојат 7.500 нови работни места со постојните инвеститори.
Кај движењето на бруто и нето просечната плата имаме тренд на пораст, бруто за 12,7%, а нето за 5,5% пораст во однос на 2018. Лани нето плата е порасната за 1,8 проценти. Не е многу, но ни даде правец како да се движиме со развојот“, истакна Деспотовски.
Владата се обидува да привлече инвеститори со повисока додадена вредност и се разговара со компании од фармацевтската индустрија. Со компаниите кои допрва ќе влегуваат во ТИРЗ се разговара за нова државна помош која ќе биде врзана со одреден процент на раст на платите.
“Нашата цел во ТИРЗ е просечна плата да ја донесеме над нивото на просечна плата во државата“, додаде Деспотовски.
Орце Костов