Британскиот премиер Борис Џонсон истакна дека е загрижен поради насилствата во Северна Ирска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Продолжија демонстрациите кои започнаа минатата недела како резултат на реакцијата на полицијата кон сепаратистичките членови и функционери на партијата Шин Фејн, кои ги кршеа забраните за Ковид-19 за време на еден погреб во Белфаст, главниот град на Северна Ирска.
Друга причина за демонстрациите, во чие време на одржување беше запален еден автобус, е регулативата која ја ограничува трговијата меѓу Северна Ирска и остатокот од Велика Британија согласно договорот за Брегзит постигнат со Европската Унија (ЕУ).
За време на инцидентите во кои беше нападнат фоторепортер, беа повредени и голем број полицајци.
Премиерот Џонсон загрижен
Во изјавата дадена на својот профил на Твитер, премиерот Борис Џонсон, осудувајќи ги инцидентите, рече:
„Насилните инциденти во Северна Ирска, особено нападите врз полицијата што ги штити јавноста и бизнисот, нападот врз возач на автобус и новинар, длабоко ме загрижи.“
Џонсон исто така истакна дека начинот на решавање на разликите е преку дијалог, а не преку насилство.
Проблемот Ирска
Северна Ирска како дел од Британија, го претставува преостанатиот дел од островот Ирска, која е прва колонија на Британската Империја. Од 1960 до 1998 година се одвиваа судири и терористички настани меѓу католичките сепаратисти и протестантските унионисти кои се пробритански ориентирани. Во терористичките настани именувани како „Проблеми“, што траеја речиси 40 години, животот го загубија околу 3.500 лица.
Договорот на Велики петок потпишан во 1998 година донесе примирје. Со партнерство на завојуваните страни, во Северна Ирска се постигна договор за формирање на Регионална влада.
Содржината на Договорот на Велики петок, познат и како Договорот од Белфаст, ги постави темелите на актуелното регионално раководство.
И покрај поминати повеќе од 20 години од Мировниот договор, меѓу луѓето од регионот довербата не е целосно воспоставена.