Над 5000 контроли и надзори извршени од инспекторите за една недела: Осум угостителски објекти се затворени – ММС
ММС

Објавено на: 04/7/21 2:53 PM

Над 5000 контроли и надзори извршени од инспекторите за една недела: Осум угостителски објекти се затворени

Инспекциските служби како важен контролен механизам за спроведување на мерките и здравствените протоколи продолжуваат со интензивни контроли на терен и санкции за оние кои нема да ги почитуваат мерките – порача денеска на прес конференција претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска. Таа ги презентираше податоците на седумте инспекциски служби во земјава за периодот 29-ти март до 4-ти април годинава.

Тие спровеле вкупно 5236 надзори и контроли.

„Државниот здравствен и санитарен инспекторат  изврши 92 надзори,  при што за констатираните неправилности изречени се 17 решенија. Дополнително овој Инспекторат минатата недела издаде вкупно 13 957 решенија за изолација и домашно лекување на лица заболени од коронавирус или лица кои биле во контакт со заболено лице.  Во истиот период инспекторите од Државниот пазарен инспекторат извршија 3938 контроли и 564 надзори поврзани со протоколите за работа на угостителските објекти, но и со сите останати материјални закони, меѓу кои и Законот за заштита на населението од заразни болести“, соопшти Филиповска-Грашкоска.

Пазарните инспектори пак, успеале да изречат 34 прекршочни пријави, донесени се 91 решение за констатирани неправилности и изречени се 43 прекршочни платни налози.

„Од вкупниот број на решенијата донесени од пазарните инспектори, 8 решенија се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и протоколот за работа на угостителски објекти.  Од овие осум, по два угостителски објекта се од Скопје и Битола и по еден во Гостивар, Тетово, Струга и Куманово. Во овие објекти не се почитувало работното време или ограничувањето за  бројот  на гости“, појасни директорката.

„Во сите овие случаи изречена е мерка забрана за вршење на дејност односно истите се затворени на лице место и изречени им се соодветни прекршочни платни налози“, додаде таа.

Инспекторатот за транспорт изврши 30 надзори, при што за непочитување  на материјалните закони изречени се 2 прекршочни пријави и 1 прекршочен платен налог , а во однос на Законот за заштита на населението од заразни болести и протоколите за за превоз на патници не се констатирани неправилности.

Филиповска-Грашкоска информира дека Инспекторатот за труд во изминатите седум дена извршил  341 надзор  во различни правни субјекти  на територијата на цела држава.

„Трудовите инспектори донесоа 16  решенија, а од овие 16,  9 се донесени поради непочитување  на гореспоменатиот протокол. Дополнително трудовите инспектори изрекоа и 5 прекршочни платни налози за 5 вработени лица кои биле затекнати како не носат заштитна маска“, изјави директорката на Инспекцискиот совет.

Таа посочи дека во наведениот период, Агенцијата МАЛМЕД извршила 12 надзори и не констатирала  неправилности.

„Агенцијата за храна и ветеринарство изврши 220 надзори согласно Законот за заштита на населението од заразни болести и согласно Законот за безбедност на храна, при што  за утврдените неправилности издаде 8 решенија, 15 едукации и 2 прекршочни платни налози по платен основ“, додаде Филиповска-Грашкоска.

„Инспекторатот за животна средина во текот на минатата недела изврши 39 надзори врз основа на материјалните закони за заштита на животната средина, при што за констатираните неправилности  издаде 2 решенија во врска со управување со отпад“, нагласи директорката.

Таа потсети дека денес стапува на сила мерката за целосна забрана на посетители на угостителските објекти.

Апелирам да се почитуваат новите мерки, а ги охрабрувам инспекторите да нема толеранција кога е во прашање заштитата на здравјето на граѓаните. Видовме дека овој бран е поопасен и клучно е ограничувањето на бројот на контакти. Да се заштитиме себеси и нашите најблиски, порача Филиповска-Грашкоска.

 

В.М.