Институциите бегаат од одговорност додека сточарот се бори за живот – ММС
ММС

Објавено на: 04/5/21 3:09 PM

Институциите бегаат од одговорност додека сточарот се бори за живот

Случајот со спасувањето на сточарот од кратовското село Емирица кој веќе шести ден е во кома, сместен во Клиничката болница во Штип, силно одекна во јавноста која бара одговори за тоа што точно се случило при акцијата, како и одговорност од надлежните институции.

Докторот Павле Зафиров кој веќе три години е лекар во Итната помош во Здравствениот дом во кратово, на својот профил на Фејсбук  и во разговор за ММС, револтиран од неажурноста на институциите детално го опиша спасувањето и ги праша институциите зошто никој од нив не им помогнал кога се обратиле за помош, иако тоа било нивна должност. Тој вели ги побарал противпожарната единица во Кратово, Центарот за управување со кризи и општината Кратово.

Градоначалникот на Кратово, Љупчо Бојаџиев за ММС тврди дека не бил контактиран од лекарскиот тим предводен од Зафиров кој би на терен. Тој бил во комуникација со директорот на Здравствениот дом во Кратово.

– Ме контактираше директорот од Здравствениот дом и прво што му кажав е да му пружат на човекот прва помош и да го подготват за транспорт. Тие прво ми побараа трактор за да одат на терен, но им реков дека треба да се оди со теренско возило “лада нива“. Ако немаат носилки, да направат импровизирани. Јас десет години сум работел во брзата помош како лекар и го познавам теренот. Пишува дека е непрооден, но не е така. Мене ме чуди зошто на лекарот наместо приоритет да му биде состојбата на пациентот, поважно му било да си направи репортажа – изјави градоначалникот на Кратово, Љупчо Бојаџиев.

Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека ниту во нивната подрачна единица, ниту во централата не бил пријавен таков случај.

“Кај нас не стигнало ниту едно барање за помош. Ако сме биле известени веднаш ќе организиравме спасувачка акција. Ние немаме свој хеликоптер и ги користиме ресурсите на МВР и Армијата за потешко пристапни местс. Имаме авиони само за противпожарна заштита на отворен простор. Но, имаме тимови за спасување во зимски услови и можеме да одговориме доколку не побараат“, рекоа за ММС од кабинетот на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути.

Хелсиншкиот комитет за човекови права се обратил до општина Кратово и до ДСЗ со барање за информации за тоа кои дејства биле преземени и испратил барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за локална самоуправа, поради тоа што општината не ги преземала сите дејствија за кои е надлежна согласно Законот за заштита и спасување.

“Доколку контактираните институции навистина немале можност сами да спроведат акција за спасување на лицето, градоначалникот имал обврска да побара ангажирање на републичките сили за заштита и спасување, како што одредува членот 35 од овој закон“, велат од Хелсиншки и бараат брзо расчистување на случајот и одговорносрт од сите надлежни институции.

Демократскио сојуз побара итно реформирање на системот за кризи затоа што последниот случај “во прв план повторно ја исфрли на површина нефункционалноста на нашиот систем за кризен менаџмент и заштита и спасување“.

“По кој знае кој пат се покажа дека постоењето две паралелни институции – Центарот за управување со кризи, од една и Дирекцијата за заштита и спасување, од друга страна, претставуваат пречка во извршувањето на заштитните и спасувачките активности во итни случаи“, соопшти ДС и побара создавање единствена институција која ќе го менаџира намалувањето ризици од катастрофи.

Синоќа и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров на Фејсбук коментираше дека бил “фрапиран од ноншалантната демонстрација на префрлање на одговорност“.

“Мислам дека во државата треба да се забрани фразата: не сме надлежни. Јас како носител на јавна должност, јас како граѓанин, јас како човек… јас самиот чувствувам одговорност за оваа поразителна слика. Ова не треба да сликата за нашата Македонија. Правилоо мора да биде како да се реши проблемот, наместо да се најде оправдување за да не се делува“.

-Повеќе внимание да обрнат на проодност на патиштата во некои зафрлени села. Зафрлени за нас, но центар на светот за лугето што живеат таму. Нашиот оперативец веднаш се јавил во полиција, но немале теренско возило да одат таму, но се понудиле повеќе полицајци да помогнат.

Директорот на ЦУК, Стојанче Англеов, кој попладнево одржа прес конференција, рече:

-Во моментот кога со своето возило брзата помош заглавила, тие продолжиле да се движат пеш. Непроодноста на патиштата е надлежност на локалната самоуправа и таа треба да се грижи за нив. Апелирам до сите градоначалници повеќе да се грижат за своите граѓани. Оперативецот на ЦУК во Кратово ги презел сите мерки. Откако бил информиран дека на едно лице му се пружа помош, веднаш ја известил полицијата која немала возило за извлекување. Нашиот оперативец се јавил и во противпожарната заштита која исто така му рекла дека немала специјално теренско возило. Се јавил и кај директорот на јавното претпријатие кој прво рекол дека ќе најде возило. Нашиот оперативец бил фокусиран на барање на возило, но во ниту еден момент не било побарано од него хеликоптер. Тој не е обучен да процени дали треба специјално летало или не, но тоа го гледам како институционален пропуст. Затоа формирав петчлена комисија која ќе го испита случајот и ќе утврди дали имало пропусти кај нас и ако имало да види како можеме да ги отстраниме овие слабости – изјави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

 

Орце Костов

фото: Фејсбук