Вирусот не е истиот што беше во ноември. Кумулативниот број на болни се разликува од оној во ноември. Ако тогаш имавме од 800 до 1000 позитивни случаи, сега не е така. Се случува „бум“ во бројот на позитивни случаи и просекот се движи меѓу 1200 и 1300. За две до три недели се наполнија болниците – алармираше денеска претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски. Денеска на прес конференција тој објасни зошто токму сега се носат новите рестриктивни мерки, а не претходно иако пред само три дена здравствените власти тврдеа дека нема потреба од нови мерки.
„На седумдневен период се аналзиираат податоците што се собираат на неделно ниво, значи ниедна мерка не се носи на дневно ниво. За да се пресмета подлабоко и поцелосно се прави анализа на неделно и на двонеделно ниво. Овие мерки можевме да ги донесеме три дена порано, но за да донесеш мерка мораш да настапиш со релевантни бројки. Битола на пример, ни е проблем во државата, но мерката нема да даде ефект веднаш, затоа што ние играме на долги стази. Ако народот ги почитува мерките, се надевам тоа ќе даде плод. Периодот што помина зад нас, менаџирајќи ги установите, го задржавме големиот удар на вирусот“, истакна Караџовски.
Тој рече дека досега Владата им прифатила 98 проценти од предложеното, но предупреди дека здравствените работници би можеле да колабираат:
„Медицинскиот персонал ни е проблем во моментот и покрај тоа што ниту еден пациент не страда, нема пациент на кој не му е пружена нега. Здравствените работници се’ уште се функционални, но не знаеме до кога. Ако не се спроведат мерките ќе имаме колапс на здравствената состојба на здравствените работници. Одлуките не ги донесуваме ад-хок, правиме анализа. Епидемиолошки ја покриваме состојбата на недела или две. Сакаме здравствените работници да имаат капка одмор. Здравствените власти да обезбедат нови капацитети од 14 дена. Оние капацитети кои се регенерираат во моментот да бидат завршени. Да можеме како здравство ние да обезбедиме вакцини. Кога ќе успееме да извакцинираме поголем процент од населението, бројот на заболени ќе се намали“, додаде Караџовски.
Тој ја оцени епидемиолошката ситуација како неповолна и рече дека откако ќе помине 14 дена од воведувањето на новите рестрикции, вирусот нема да исчезне.
„Во моментот ги правиме сите овие мерки за да спречиме зголемување на бројот на заразени, за разлика од минатата година. Ве молам да му помогнеме на здравствениот систем да биде здрав“, апелираше Караџовски.
В.М.