Во кома е сточарот од Кратовско, кого пеш, на импровизирани носила на раце го носеа пет часа – ММС
ММС

Објавено на: 04/5/21 12:09 PM

Во кома е сточарот од Кратовско, кого пеш, на импровизирани носила на раце го носеа пет часа

Сточарот од кратовското село Емирица, чии спасување и пренесување беше раскажано од докторот Павле Зафиров, како сведоштво за немањето одговор од ниту една институција, веќе шести ден е во кома, сместен во Клиничката болница во Штип.

-63-годишнинот човек има крварење во мозокот и е во коматозна состојба. Стабилен е но во критична состојба, соопшти Марина Шуманска, портпарол на Клиничката болница.

Откако според сведочењето на д-р Зафиров од Итната медицинска помош од Кратово, пет часа бил носен на раце од селото до возилото, пацинетот е однесен до Здравствениот дом во Пробиштип, а од таму веднаш бил пренесен во штипската болница. Од тогаш, човекот е во коматозна состојба. Пред да дојде медицинската екипа, поминал 12 часа паднат на снег, на отворено, додека неговата 90-годишна мајка се обидувала да го загрее.

Како што веќе информираме, за случајот јавноста дозна вчера, откако д-р Павле Зафиров, кој веќе три години е доктор во Брза помош во Здравствениот дом во Кратово, на својот Фејсбук профил изнервиран од неажурноста на институциите, детално го опиша спасувањето. До кратовското село Емирица, води црн стрмен пат, а кога се обратиле за помош до институциите, никој не им помогнал иако тоа е нивна должност.

ММС го контактираше д-р Зафиров, кој по објавата на Фејсбук, уште повеќе се изнервирал, бидејќи неговиот пост не го сфатиле како апел до институциите, туку како настан за дневно политички препукувања.

-Емирица е кратовско село, кое многу далеку и до него од Кратово се оди по каллив и стрмен пат, затоа кога го добивме повикот за помош одевме преку Пробиштип и Злетово, па до браната, бидејки до тука има асвалт. Потоа продолживме по земјен и со кал и снег пат. Не ни кажав во постот колку пати заглавивме  по патот и кои се маки ги тргавме додека да стасаме до пациентот.  Селото е распрскано и мислам дека првите соседи му се преку еден рид, вели д-р Зафиров, кој на прашањето како е сега пациентот ни рече:

-Како лекар не можам да го споделам проблемот на човекот, ниту можам да кажам каква му е здравствената состојба во моментов. Јас и немав намера да напишам ништо, ова се случи пред неколку дена, но денес многу се изнервирав, едноставно ми дојде и излезе од мене.  Ме изнервира што на една телевизија за случајов велат дека маж залутал, што воопшто не е точно. Извинете ама информацијата треба да се пресене правилно. И не ми е мене проблемот од сега, причината да го извадам овој револт од мене сега е што ми се собира овие 30 години. Навистина мене нервозата не ми е од сега, јас чувствувам револт  за тоа што институциите 30 години не си ја работат работата, ама редно е веќе и  фер е институциите да си го работат она што се наменети, ни рече д-р Ззафиров.