Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) реагира на Предлог измените на Законот за игрите на среќа и забавните игри поставени на Единствениот национален електронски регистер на прописи (ЕНЕР). Од Асоцијацијата велат дека се предлагаат измени кои водат кон затворање на цела една стопанска гранка, губење на илјадници работни места и огромни загуби за државниот буџет.
Забелешките на Асоцијацијата кои во најкус можен рок ќе бидат и официјално доставени преку ЕНЕР се однесуваат на зголемувањето на даноците и давачките, правните имликации по однос на скратување на стекнатото деловно право преку важечките лиценци, но пред се’ на оддалеченоста од 500 м на деловните објекти од образовните инсититуции.
-Измените за одалечување на деловните објекти се целосно неприфатливи и подготвени сме силно да се спротивставиме на ваквиот предлог. Растојанието од 500 м оддалеченост на нашите деловни објекти од образовните институции значи затворање на 98% од уплатно-исплатните места, односно гасење на целата стопанска гранка. Со ова директно се загрозува егзистенцијата на повеќе од 8.000 семејства, односно повеќе од 8.000 вработени кои преку ноќ ќе останат без работа. Ефектите од ова ќе се прелееат и врз други стопански гранки како и врз повеќе од 50.000 работни места, кои индиректно зависат од нашата работа – наведуваат во Асоцијацијата во денешното писмено соопштение.
Дополнително, АСОМ посочува дека со ваквиот закон се одзема стекнатото деловно право на компаниите кои имаат важечки лиценци за постоечките објекти и укажуваат на домашни и меѓународни правни импликации доколку им се скрати ова право на компаниите.
Ваквото законско решение ќе создаде услови за развој на сивата економија и нелегалното обложување, институциите не ги земаа предвид овие последици при носење на предлог измените на Законот – велат од АСОМ.
-Несфатливо е како инстуциите не можат да ги предвидат ризиците од измените на Законот кои се предлагаат. Ако ние ставиме клуч на врата на легалните спортски обложувалници, практично ќе згасне една веќе добро регулирана стопанска гранка. Затворањето на спортските обложувалници нема да го запре обложувањето, играчите ќе бараат алтернатива, а обложувањето ќе се префли на нелегални локации, каде државата ќе нема контрола ниту врз средствата, ниту врз безбедноста на играчите и малолетниците. Ова де факто ќе значи дека државата ќе се соочи со нелегално обложување и ќе отвори пат за развој на сива економија – предупредуваат од АСОМ.
Во однос на предлогот за зголемување на давачките, АСОМ потенцира дека приредувачите во РС Македонија и сега плаќаат највисоки даноци во Европа, а наведената причина за нивно зголемување е целосно контрадикторна со оддалечувањето на објектите. Aко интенцијата на Регулаторот била да се зголемат приходите на државата, истиот мора да го земе предвид фактот дека тие средства едноставно нема да можат да се наплатат. Сосема спротивно на тоа, тие драстично ќе се намалат, бидејќи ќе следи забрзано затворање на уплатно-исплатни места и губење на работни места на илјадници граѓани.
Конечно, заклучоците на Асоцијацијата се дека ова не е европски закон. Европските закони не предвидуваат оддалеченост на објектите, затоа што ниту едно истражување во светот не покажало дека близината на објектите до образовните институции влијае врз навиките на младите. Законодавната пракса во европските земји не познава ограничувања, туку превенција која се врши со целосна забрана за влез на малолетници и големи казни за прекршување.
„И кај нас, во постоечкиот Закон за игри на среќа прашањето за забрана на учество на малолетници веќе е строго пропишано со членот 20 кој вели „лицата под 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа и не им е дозволен влез во просториите во кои се приредуваат игрите на среќа“.- нагласуваат од АСОМ и бараат стопирање на процесот и вклучување на сите засегнати страни во подготовка на современ закон по европски терк.