Посакаа да умрам, а јас им посакувам долг живот и помалку злоба, вели проф д-р Никола Пановски за заканите коу му ги упатија на социјалните мрежи – ММС
ММС

Објавено на: 04/5/21 10:02 AM

Посакаа да умрам, а јас им посакувам долг живот и помалку злоба, вели проф д-р Никола Пановски за заканите коу му ги упатија на социјалните мрежи

„Ти да умреш„, „Ти да бидеш во тие 50 починати“, „Слуга на власта“, „платеник“.., ова се само дел од коментарите што професор д-р. Никола Пановски, еден од врвните микробиолози кај нас, ги добивал на социјалните мрежи по негово гостување на телевизија пред неколку дена. Професорот, како стучњак меѓу другото бил запрашан и за пикот на пандемијата и кога се очекува да се намали бројот на починатите од Ковид-19. Одговорот на многумина не им се допаднал, па решиле да се „пресметаат“ со него преку коментари на Фејсбук, каде ја посакувале и неговата смрт.

ММС го контактираше професорот Пановски, кој рече:

-Ова не се закани туку желби на  големите верници, кои го повикуваат Господ. Што да кажам, бев гостин на телевизија и потоа некои портали пренесоа дел од разговорот, во кој велам дека  пикот на смртни случаи доаѓа по пикот на заразени и може да биде над 50. Ништо друго не кажав. Претпоставувам дека се големи верници што  во Велигденски пости посакуваат некому смрт и напишав дека им посакувам долг живот. Што да кажам за нив друго. Дел од нив е убеден дека целата Корона состојба е отров, дека бројките на починати се измислуваат и во тоа никој не може да ги разубеди.  Тврдат дека ги плашиме намерно, но јас ја кажав вистината. Дај Боже јас да сум згрешил, а зошто тие го прват ова не ми е јасно, вели професорот и додава:

-Немаат елементарна почит иако се претставуваат како големи христијани. За жал немаат ниту Х од христијанство. Го изгубиле достоинството и немаат основна едукација за болестите, ниту сакаат да ја слушнат. Полесно им е да си веруваат во нешто свое, вели професорот Пановски.

Тој за ММС рече дека овој пик ќе пројде за некој ден ама смртните случаи ќе се намалат дури за две недели.

-Тоа е факт, болниците се полни. Нема да има нови случаи да ги преполнуваат, но доволни се тие што се останати. До јуни  нема да видиме никаков ефект од вакцинирањето, бидејќи до тогаш треба да се прими втората доза. Некаде во јуни би требало да се почувствува ефектот од масовната вакцинација, која почнува денес, додека да се прими втората доза.  Ќе се види по бројот на смртноста, вели прпофесор д-р Пановски.

В.М.

Фото: faktor.mk