МВР со нови кривични пријави за поранешното раководство на ЈП Комуналец од Кавадарци и фирми блиски на нив – ММС
ММС

Објавено на: 07/31/18 12:07 PM

МВР со нови кривични пријави за поранешното раководство на ЈП Комуналец од Кавадарци и фирми блиски на нив

СВР Велес до Обвинителството поднесе кривични пријави во два одвоени случаи за седум лица за злоупотреба на службена положба и овластување со што причиниле материјална штета на буџетот на РМ и на буџетот на ЈП „Комуналец“ од Кавадарци од вкупно 3.402.861 денари.

Според документираните сознанија во 2013 година првопријавениот И.А., како директор на „Комуналец”, и второпријавениот М.П. како раководител на „Водовод и канализација” при реконструкција на водоводната мрежа, која по претходно добиен тендер требало да ја вршат фирмите „ЦМЦ” ДОО од Скопје и подизведувачот „Градба Промет” од Кавадарци, издале наредба во изведувањето на работите да се вклучи и Комуналец Кавадарци. И покрај тоа што целата работа на дел од трасата ја изработило ЈП  тие ја прифатиле завршната ситуација од фирмата од Скопје, според која таа ја извела работата, по што ја исплатиле целата сума за извршената реконструкција. Д.К., пак,како управител на „ЦМЦ” Скопје, и Д.Т., како управител на „Градба Промет” од Кавадарци, и покрај тоа што знаеле дека дел од трасата ја изработило “Комуналец”, навеле дека тие ги извеле сите работи по целата нејзина должина. Петопријавениот Љ.Г., како управител на фирмата надзорник „Хидроградежен инженеринг  Скопје, потврдил дека работите биле изведени во целост, од фирмите изведувачи. Со ова  го оштетиле буџетот на „Комуналец” од Кавадарци и на Република Македонија во висина од над 1.876.000денари.

Во вториот случај, во 2015 година тогашниот директор и раководителот  и покрај тоа што знаеле за проектот за реконструкција на Ваташката водоводна линија од страна на фирмата-изведувач „Трасер” дека биле изведени работни активности во помал обем од предвидените повторно била прифатена завршната ситуација од изведувачот каде наводно таа фирма ги извела целокупните работи, по што ја исплатиле целата сума за извршена реконструкција. Третопријавениот С.С., како управител на фирмата „Трасер”, и покрај тоа што знаел дека дел од работните активности ги извел „Комуналец”, изготвил завршна ситуација во која навел дека неговата фирма ги извела сите работни активности, и ја доставил за наплата до ЈП а  В.Т., како управител на фирмата за надзор „Викас” Скопје, потврдила дека работите целосно ги извела фирмата изведувач. Со ова причинета е материјална штета  од 1.525.935 денари.

За недомаќинското работење на бившото раководство во Кавадаречкото комунално претпријатие потврдува фактот и што пред некој месец од страна на МВР беа поднесени три кривични пријави ,каде со фиктивни фактури претпријатието било оштетено за 2,6 милиони денари.

Билјана Тошевски